67. Собрани во сон

Се собраа во еден мој сон сите ближни мртви, блиски и далечни, што ги знам и не ги знам, за заедно да решиме што да правиме со нашето последно живеалиште-семејниот гроб. Најпрвин дали да му го препуштиме на минливоста на времето, зашто веќе нема кој ни да го посетува, а камо ли да го одржува, пред да исчезнеме за навек да го престориме во некоја неизбришлива трага или во само нам познат знак опстојбен. Не знам зошто, мислам дека само јас бев жив меѓу нив, но сите гледаа надежно во мене, како мене да ми препуштаат да решам зашто знам што е најдобро.

Решив, ама не сум баш сигурен дека конечно решив пред да се разбудам. Ми останаа незаборавни зборовите што им ги кажав шепотливо на разделба:

„Ако останеме сплотени, вие со мене и јас со вас, вие мртви и јас сè уште жив, блиски и далечни, што ве знам и не ве знам, што ме знаете и не ме знаете, ќе нема сила велепредавничка да го разнебити нашево последно живеалиште. Ако ништо друго, во пустелијава ќе оставиме макар некоја неизбришлива трага или само нам познат знак опстојбен. Само да не дозволиме коренот да ни го изгорат, да ни го пеплосаат, та да се заборавиме меѓусебно“.

Многу време мина во меѓувреме, но тој мој сон со собрани сите ближни мртви никако да ми се повтори. А посакувам, зашто како сè уште жив имам уште да им кажувам и докажувам за нашето последно живеалиште-семејниот гроб.