66. Разделени љубовници

Таа можеби го заборавила. Тој:

„Можеби ме заборавила зашто не ѝ бев само јас и единствен. Ма не можеби, сигурно! Би ми се јавила во меѓувреме. А долго, та предолго ни глас од неа до мене, ни каков-годе знак за мене…Не се ни простивме, не се ни збогувавме. Едноставно не дојде при мене, не ми се јави. Просто исчезна…Со друг е? Со други? И да е, можно е да ги заборавила, свесно да ги избришала сите наши средби, патувања, откривања, дознавања, сознавања, споделувања?…Тешко сега, сè потешко без неа отсега…Жива ли е?…Љубов ли беше меѓу нас?“.

Тој можеби ја заборавил. Таа:

„Зарем бев една од многу во неговиот живот? Ни додека бевме заедно? Ме мамеше?! Ме лажеше?! Ме изневеруваше?!…Со мене не беше искрен? Можно ли е?…Како е можно да ги избрише сите наши средби, патувања, откривања, дознавања, сознавања, споделувања?…Зошто не ми се јавува? Да ми испрати глас, писмо, знак. Макар како простување, како збогување!…Просто исчезна. Отиде од мене тоа утро и не се врати до крајот на тој ден. До денеска, до денес. Жив ли е?…Тешко сега, сè потешко без неа отсега…Љубов ли беше меѓу нас?“.