30. Племе индијанско

Од кај на кај индијанско племе на Буле и неговата десна рака Куле?! И тоа наречено Смокови! Особено зашто немало и нема ни трага од каубојци, ниту Див Запад. Добро, нивните татичиња и мамичиња често велат дека ова го нема никаде, го немало и на дивиот запад, а западните каубојци не работат, не дејствуваат и не решаваат директно, како во филмовите против Индијанци, туку тајно и префинето. (Уште не им текнало на Гугл да проверат што е тоа префинето.) Ама да се организираш како индијанско племе…

Индијанците на Буле и Куле додуша се збираат сè поретко зад колибата на чичко Спиро дрвосечачот, стариот без двата последни прста на десната рака што при сечење на дрвја во Дабовата шума му ги отфикарила моторна пила со која никогаш не стана толку добар сечач како со секира. Се збираат зашто им станува сè понеинтересно што е и како може да биде. А мора да се каже дека на збирање сè повеќе и почесто ги поттикнува чичко Спиро. Често им вели: „Збирајте се деца како што се збирале Индијанците и можеби се збираат уште. Како што одат работиве, може скоро и ние да станеме Индијанци“. Не го разбираат баш, не се збираат почесто, ама го слушаат и им е некако топло на срце и на душа кога е со нив и им збори, им раскажува, им дава поуки и друго.

Мора да се нагласи дека племето на Зелен гуштер што свири на шупелка, како што си се нарече Буле како главатар за некој да не го нарече несоодветно или неблагопријатно, е од затворен тип. Со други зборови, освен двете Индијанки, смоковици-Лидија кракатата и Митра штиклата, како и петтемина Индијанци, смокови-Куле дренот, Јонче стаорецот, Зоре сомот, Иле мачорот, Томче кубурата и Стојмен каменот, ептен е тешко, скоро невозможно да влезе во него некој друг. Особено ако запне, со што директ станува сомнителен, најмногу како крт на друга група, банда, тајфа или партија. Тоа важи буквално за сите, дури и за Куле дренот. Тој на една од последните собиранки ги донесе сестра му Сирма и брат му Перо со надеж и радост на сите дека ете го зголемува племето со уште два сигурни, доверливи члена. Меѓутоа, веднаш на своја кожа ја осети строгоста и сомничавоста при тако чинодејствие. Не ги одбија, им рекоа дека примија на знаење оти сакаат да се зачленат и ќе им се јават кога ќе донесат одлука. Можеа да бидат среќни оти им направија места да седнат меѓу нив, а не да им речат љубезно „Ојте си сега дома, а ако решиме да ве примиме ќе ви јавиме преку Куле“ или малку построго „В ред, ве претстави нашиот Куле и тоа е засега сè. Ќе ги разгледаме и провериме вашите аспирации за членство“. Сигурно е дека Буле баш поради Куле не беше груб како што знае да биде и да им нареди „Ај гитла!“. Бидејќи, како што е познато, мошне е важно во племето, како во Американа, секој да се вика по име, а по презиме може како сака, мора да се нагласи дека сите до еден со кимање на главите кажаа дека им се допаѓаат нивните индијански имиња: Сирма Долгоногата, дека има подолги нозе од обично за нејзини години, и Перо Ќутенката, бидејќи не можело ни слог ни интерпункициски знак да му се извлече од уста, камо ли два-три збора.

Да, никогаш не е лесно да се организира збирање на племето Смокови. Јасно, тоа е задача на Зелен гуштер што свири на шупелка, со несебична помош од страна на Куле дренот. Другите не ни сакаат да им помагаат, освен кога мораат. На пример, кога собиранката треба да трае подолго, што значи има подолг дневен ред, ќе се носат не баш лесни одлуки, па мора да се обезбеди нешто за јадачка и пијачка. Тогаш секој мора да донесе од дома нешто за себе и понешто за другите. Ако треба и скришно, без знаење на нивните татичиња и мамичиња.

Важно е да се потенцира дека собиранките на индијанското племе на главатарот Зелен гуштер што свири на шупелка се прават приквечер, исто како што обично се збираат младите борци и старите мудреци на Индијанците. Ги прават зад колибата на чичко Спиро дрвосечачот зашто има заветрина, има стреа, е на источната страна и е големо небото со ѕвезди и месечина кога е ведро, а кога има ветар, облаци и дожд запалениот оган е заштитен од гаснење. Во еден агол под стреата, во заветрина е и сламената фотелја за клацкање во која чичко Спиро секоја вечер долго дремливо се клацка пред да оди на спиење.

Нормално, индијанскиот оган го пали главатарот, а најмногу му помага, пак нормално, неговата десна рака Куле дренот. Другите во блиската шума збираат, кршат гранки, а и Спиро со секира сече трупци. Откако огнот ќе се разгори, сите Индијанци испоседнуваат околу него во круг скрснозе, па виткаат цигари од суви дабови лисја и луле на мирот од трска ко за пушење. Спиро е мошне строг на тој план, им вика и ги опоменува да внимаваат да не му ја запалат колибата. (И тоа е дел од индијанскиот церемонијал оти, како што е добро познато, нема шанса да се предизвика пожар од божем цигари од лисја и божем луле на мирот од трска. Настрана фактот што тие нит` горат нит` чадат.) Потоа станува од скрснозе Буле односно Зелен гуштер што свири на шупеклка, прави мудра фаца и ја крева десната рака дека зема збор, па треба сите да го слушаат што ќе кажува. Тоа истовремено е знак дека сите треба да направат концентрација во молчење и да ги втренчат погледите во него.

Вечерва беше поинаку и друго на дневен ред. Стана чичко Спиро од својата сламена фотелја за клацкање и седна скрснозе меѓу Зелен гуштер што свири на шупелка и Куле дренот. Сите направија концентрација во молчење, ги втренчија погледите во него и тој почна:

-Драги мои тинејџери, мои пубертетлии,

Јас, вашиот чичко Спиро, ваш сопатеник во ова наше бизнисменско-политикантско-политичко живуркање, баш сега, во оваа мирна квечерина под ведро небо, со ѕвезди и месечина на небото, сакам да ви дадам две уки и поуки. Првата е дека е добро што дигнавте раце од идејата да станете политичка партија, не оди тоа со вашата ука, особено оти ви е ептен рано да имате власт в раце, а другата дека не треба така лесно и брзо да се откажете од мотото што за партијата го смисли Буле: Учи глава да бучи и учи се на врти-сучи. Тоа е многу мудро, јас комплет го поддржувам. Ќе го поддржам и со народни мудрости што често ми ги кажуваа од пред скоро век моите покојни дедо и баба.

За учењето:

Учењето е четири очи. Учи се од мал за кога ќе остареиш да не ти биди жал.

И за постојанството:

Зборо му е збор, рече ли, тој умира и од зборо не се враќа. Си устоја на зборо.

Ви ги кажав за учењето и постојанството за да ги врзам и да ме послушате сега како секогаш.

Запомнете од мене:

На „Учи глава да бучи и учи се на врти-сучи“ мора да му се додаде што е учењето и неговото постојанство. Зашто учите за да имате четири очи, да не ви биде жал како неучени остарени, ама и секогаш да си стоите на зборот со ука, да не се враќате од него и секогаш да си устојувате на него. Јасно е, нели? Ако некому нешто не му е јасно, нека ме праша слободно.

Во следните минута-две никој не го праша слободно чичко Спиро, па Зелен гуштер што свири на шупелка прогласи крај на собиранката. Го угаснаа огнот пред да се разотидат.