38. Крева раце

Буле крева раце од поезијата?!  Зарем е тоа можно? Зошто да не е? Напиша две-три песни и за чудо му секна испирацијата. Стварно за чудо. Не е талентиран? Тамам работа! Буле да не биде талентиран за пишување песни, особено модерни?! Па нели се докажа со напишаните? Сите негови го фалеа, во чколијата се прослави како поет, особено една група женски просто му се восхитува како таков. И како сега крева раце?

Познато е дека поетите на почетокот од својата кариера многу лесно и брзо се разочаруваат, па креваат раце од поезијата. Ќе испратат песни во некое списание за објава или на некој портал за поезија на Интернет. Наместо да ги објават, ќе ги одбијат односно нема да ги прифатат без никакво образложение. Или ќе се најде некој што демек се разбира во модерна поезија и ќе гио оцени како почетнички, што значи не баш зрели. Тоа ќе ги удри директно во срцата, и готово. Нормално, нема поет кој би прифатил да се третира како почетник односно не баш зрел. Ќе се праша кое фајде од пишување поезија, ќе сфати дека нема фајде и крева раце. Тоа му се случи на Буле?

Тврдам категорично не! Да, крева раце, значи уште не кренал, ама не зашто му одбиле песна, туку за баш банална тинејџерска работа.

Една од групата женски, права страчка, Зорка тенката, спрема која беше некако поблизок и  поактивен одошто спрема другите, како одвреме-навреме да му беше некако мила, нежна и убава, го отепа во поим како поет. Директно му ја угасна, ма му ја уби инспирацијата и амбицијата да продолжи да пишува поезија. Што се случи?

Се случи тоа што само на Буле може да му се случи, а и на сите други како Буле: ѝ призна на Зорка тенката дека ја гледа со други очи, Куле му рече дека тоа значи вљубено, и дека сака да тргнат заедно. Таа го праша каде, а тој ѝ одговори каде било, каде што ќе посака таа, дури на крајот на светот. Зорка тенката не му одговори, се направи недоветна, демек не разбира што ѝ збори, а одамна сакаше и сонуваше баш неа да ја избере за тргање. Буле реши да ѝ напише модерна љубовна песна. Ја напиша во еден здив што се вели, па ја викна на клупа во парк и ѝ ја прочита. Нормално, песната излезе супер и Буле беше сигурен дека со неа толку ќе ја занесе Зорка тенката што таа ќе посака да продолжи да ѝ пишува песни.

Еве ја песната за да се уверите дека стварно излезе супер. Ѝ тури наслов „Пеперуги во нашите стомаци“:

Чувствувам, гледам,
а и слушам одвреме-навреме
дека во твојот стомак
почнале да летаат пеперуги
мали, големи и шарени.

Чувствуваш и ти,
и ти гледаш, а и слушаш
одвреме-навреме
како пеперуги летаат
во твојот стомак.

Некои велат дека тоа значи
се разбудила, па се родила
љубов,
а јас замислувам
како почнуваат да излегуваат
од твојата уста,
да летаат околу нас.

Пеперугите во твојот стомак
ги разбудија пеперугите
во мојот,
та и тие излегуваат
од мојата уста.

Гледаме занесено, вљубено
како летаат заедно, сложно,
кон близини и далечини“.

Супер е, нели? Да, ама на Зорка тенката ич не ѝ се допадна. Реагираше луто и безобразно:

-А бе што си напишал? Ова песна?! Пеперуги во стомак! Излитена работа. Сите велат дека те бидува за поезија, а ти си бил дибидус тапа. Ти немаш врска ни од симпатии ни од љубов. Ти не си зрел за јас да тргам со тебе. И кон каде ќе тргаме? Кон близини и далечини! Боже!

Може страчката Зорка тенката до толку да го разочара нашиот Буле, та тој да реши да крене раце од пишување поезија? Очигледно дека може штом почна да крева.

Куле уште го убедува дека на погрешна женска ѝ напишал љубовна песна, Зорка тенката ич не е ни романтична ни модерна и не го заслужува, ама засега е џабе. Буле крева раце.