27. Признавам само прва љубов

Јас како дотичен Буле имам јасен, тврд, цврст и непоколеблив став за првата љубов како таква: само таа е една, единствена и највистинска! Сите други по неа може да се вистински, ама никако не можат да бидат како неа. Баш затоа е незаборавна ако била, а одамна не е, ако по неа се ределе којзнае колку на ред. И мене не ми е за верување дека има некоја што е, што останала жива, што не ја поклопиле, не ја трнале на страна или не ја фрлиле во ендек и провалија заедно втората, третата, четвртата, петтата. Ако има, алал да ѝ е!

Мене и сега ич не ми текнува зошто мамичето ми и татичето ми се загледаа продорно меѓусебно и како да се забетонираа во молк кога ги прашав само еднаш и никогаш повеќе: дали нивната љубов им е прва? Мене никогаш не ми изгледала дека е. Па што? Што има врска тоа? Што ако им е втора, трета, четврта, петта? А плус, не верувам ни дека првата им се случила и им пропаднала во исто време. Тоа е просто невозможно. Според мене, голем проблем може да е ако и тој и таа имале повеќе свои љубови до нивната. Најголем, пак, ако во рамките на нивнава секој имал своја втора, трета, четврта, петта. Тоа и за мене би било ептен голем проблем зашто според лекцијата на наставничката по сексуално образование и воспитание Мара Секси, тоа се вика изневера или прељуба.

Морам да признам дека мене лично ми е многу интересна наставничката Мара Секси. Не оти е ептен секси, тоа си е нејзина работа, туку зашто образите ѝ фаќаат црвенило секогаш кога нешто ни објаснува за да се образуваме и воспитуваме сексуално, а посебно кога некој од нас учениците ќе побара тоа да му го опише што поконкретно. Дури ѝ и се случува притоа да почне да тепка односно да тептави односно да пелтечи односно да д`тка. Стварно има многу незгодни работи во врска со ова наше образование и воспитание. Не знам, ама ми се чини дека многумина од нас ќе почнат да се сексаат без емоции. Тоа кај животните, како кај оние во нашето село весело, се вика парење нели.

Е, баш во врска со емоциите и првата љубов јас како дотичен Буле имав прилично дебела дискусија со дотичната наставничка Мара Секси. Кога ја завршивме ми рече дека сум многу умен и кога ќе созреам сексот ќе го упразнувам правилно.

Ја прашав апла и директно:

-Наставничке, знаете што е тоа прва љубов? Дали таа стварно постои во нашиот краток љубовен живот?

Таа прво ми ја одрече краткоста, а потоа одговори:

-Прво и прво Буле, нашиот љубовен живот, значи на човекот како свесно суштество, не е краток. Долг е колку и животот, и нема шанса некој намерно или на сила да си го скрати. А второ и второ, љубовниот живот е љубовен од прва до последна љубов. Сега да ти одговорам што е тоа прва љубов. Тоа е, ученику Буле, кога некој за првпат ќе те погледне мило или ќе те допре нежно, а тебе во стомакот ќе почнат да ти летаат пеперуги.

Јас очекував да ми одговори така некако, па брзо ѝ влетав во збор со чудење:

-Зошто пеперуги? Зошто не зелени или месарски муви зунзари?

Таа почека сите во класот да се скинат од смеење, па продолжи дибидус мртва ладна:

-Сега многу ме изненади, ученику Буле, и тоа многу непријатно. Ти си веќе познат во школово како талентиран поет, та не можам да сфатам како не ја сфаќаш пеперугата како метафора-како нежност и треперење, како пријатно будење. Како можеш пеперугите во стомакот да ги сфаќаш дибидус буквално?! Не можам да ти се изначудам.

Јас:

-Добро, еве сфаќам. Значи, првпат ми летаат пеперуги во стомакот. И после?

Мара Секси:

-После ќе го прашаш полот дали и нему му летаат. Ако ти го признае тоа, тоа значи дека меѓу вас и во вас се родила првата љубов.

Јас:

-Кој пол, наставничке?

Таа изненадена, налутена и прилично нервозна:

-Буле, бидејќи сум ти ставила петка по сексуално образование и воспитание, не верувам дека не ја знаеш лекцијата за разликите, сличностите и рамноправноста меѓу половите во сексуална смисла.

Јас:

-Добро, ја знам и ај за тоа да не правиме муабет. Туку, може ли да ми се дообјасните во врска со првата љубов? На пример, во што е разликата помеѓу неа и втората, третата, четвртата, петтата? Да не е во пеперугите?

Мара Секси без претходно размислување, како научено од А до Ш:

-Не! Пеперугите се исти. Кај некои љубови се можеби повеќе или помалку, но суштината е во чувствувањето во стомакот-дека летаат во него. Разликата помеѓу првата и сите други љубови е во траењето на летањето. Оние во првата прво летаат сè додека трае. Кога ќе помине, тие како да се притајуваат, па при секое сеќавање на неа како одново да се будат. При втората и сите љубови по неа тие прво летаат брзо ама кратко време, а потоа како сè повеќе да излетуваат од стомаците на вљубените.

Пред ѕвонењето на крајот на часот успеав да ја допрашам:

-Наставничке Маро, да знаете дека ич не сум задоволен од Вашите одговори. Но, белки аргументирано ќе ми одговорите на следново прашање како клучно и заклучно:

Може ли да се случи првата без пеперуги во стомакот?

Мара Секси одговори како да подвлекува секој збор:

-Драг дотичен ученику Буле, сега ми го постави најважното прашање. Вака ќе ти одговорам, а слушајте и сите вие други ученици што не знаете ништо за првата љубов:

На едниот од заинтересираните првовљубени, кои се вљубуваат првпат, што на сите вас секако ќе ви се случи откако ќе созреете сексуално, при прво погледнување мило или при нежен допир што ќе ви ја наежи кожата може во стомакот да не почнат да му летаат пеперуги. Во таков случај, тој во кој летаат треба да биде упорен на каков било начин дел од пеперугите во неговиот да прелетаат во стомакот на другата странка во односот. Ако не го стори тоа, ако тоа не се случи, тогаш можам да ви гарантирам дека странката со стомак без пеперуги веќе имала, доживеала и преживеала прва љубов. Може и уште да ја има.

И така. Можам уште еднаш да се констатирам дека дискусијата со наставничката Мара Секси за љубовта на прв поглед беше навистина дебела, темелна, плодна и расчистувачка. Инспириран од неа, на следниот час, по математика, напишав песна со наслов „Пеперугите во мојот стомак како почеток на прва љубов“. Нормално, тотално бев исклучен од предавањето на наставникот Трпе Дропката за плоштините и волумените, ама за среќа тој беше како секогаш занесен и не ме ни здогледа. Песната ќе ја прочитам пред моите смокови и смоковци, Индијанки и Индијанци, соплеменици и сопартијци кога за тоа ќе се создаде соодветна атмосфера.