23. Нежен пол

На Буле и Куле ич не им е прифатливо за женските да се вика понежен пол. Не само кога се во прашање Лидија кракатата и Митра штиклата, туку сите женски-момичиња, моми, дами, жени, снаи, баби и свекрви. Како тоа понежи? Од кои понежни? Од детулињата, дечките, мажите, маженцата, мажиштата, господата, дедовците и свекорците? Ма нема шанса!

-Ма чиста небулоза!,-подналутено потенцира Буле.

Куле му потврдува:

-Ма нонсенс пар екселанс!

И додава:

-Јас, брате Буле, многу дубиозно сум размислувал по повод ова прашање и сум го заклучил следниов заклучок: сите женски можат да бидат само нежни полови.

Буле му го одобрува заклучокот кимајќи со главата, па се дообјаснува:

-Да ги погледнеме од глава до петици нашиве две-Лидија кракатана и Митра штиклана. Па тие просто зрачат нежност. Ама има еден проблем: контрата односно контрадикторноста односно контрапунктот што се вика груб пол. Сите од спротивниот пол се груби?! Ја мајката! Кога ќе размислам дубиозно, ко што велиш ти брате Куле, заклучувам заклучок дека и сите детулиња, дечки, мажи, маженца, мажишта, господа, дедовци и свекорци можат да бидат нежни кога треба и кога мора. Според тоа, разликата не е во ништо друго, освен во полот.

Куле му го одобрува заклучокот кимајќи со главата и додава:

-Па, како што учевме на час по сексуално образование и воспитување со акцент на родовата еднаквост, тоа е и директно и индиректно поврзано со емоциите, поточно со емоционалното доживување во меѓусебните односи на два исти или различни пола.

Буле и Куле решија да го соберат племето околу индијански оган и да расчистат со Лидија кракатата и Митра штиклата во врска со понежниот и нежниот пол.

Куле даде вовед:

-Мили и драги наши соплеменици, содружници во бандава односно тајфава и скорашно партиско членство, се собравме околу огнов за да заклучиме заклучок во врска со полот на нашиве две претставнички на женскиот пол, а кој заедно со други ќе го вградиме во нашата политичка платформа и акциона програма. Имено, јас и Буле заклучивме дека тие се апсолутно рамноправни, со ништо и според ништо не ни контрираат како женски полови односно засега како момичиња, а идни моми и или дами, и или жени, и или снаи, и или баби и и или свекрви, нам како машки полови односно засега како дечки односно адолесценти односно пубертетлии односно тинејџери, а идни мажи и или маженца, и или мажишта, и или господа, и или дедовци и и или свекорци.

Зборот нагло му го презема Буле:

-Со други зборови, тие се разликуваат од нас како претставници на машкиот пол само според полот. Значи, тие се претставници односно наши претставнички на женскиот пол.

Лидија кракатата и Митра штиклата се погледнаа меѓусебно продорно, зазедоа напрчен став, па проговори Митра штиклата во името на обете:

-Мили и драги наши Буле и Куле, вие или не сте науиле некои клучни лекции од основното сексуално образование со акцент на родовата рамноправност или, пак, сте нешто збунитис. Тоа во врска со понежноста и погрубоста односно нежноста и грубоста нема апсолутно никаква врска со нашиот женски пол! Тој ни служи само за исфрлање течност од организмот, за слободен секс и за репродукција на човештвото. Исто како вашиот. Да, нема никаква дилема дека и вие можете да бидете груби ем нежни исто како ние. А разликата меѓу нас, што значи меѓу машкиот и женскиот пол воопшто, е само и само во убајната!

Се надоврзува Лидија кракатата:

-Баш таа! Да ви дообјаснам. Вие како машки пол во однос на убајната никогаш не можете да го достигнете нашето ниво, колку и да се трудите. А најпрво и најбитно од сè во таа смисла е дека ние одлучуваме дали и колку сте убави кога ќе се најдеме тет-а-тет. Тоа меѓу вас машки полови и меѓу нас женски што може да се случи кога е убајната во прашање, тоа се сведува на симпатисуење и интимно ближење. Зашто да знајте ако досега не знаевте: убајната не може да прејде од еден на друг, од еден на друга, од една на друга и од една на друг . Што е најбитно за неа, цел живот не проаѓа односно не се троши. Значи, да заклучам во името на нас двеве: разликата помеѓу машкиот и женскиот пол е само во убајната што трае цел живот односно до смртта.

Буле и Куле немаа што да додадат или одземат на заклучокот на Лидија кракатата што го заклучи во името на двете, па одлучија да го завршат седењето околу индијанскиот оган. Станаа, по нив сите други, и секој се упати кон својата дома.