42. Сиромаштија-Беда

Од кого иде сиромаштијата? Најмалку од нас самите. Најмногу од нас сами иде бедата, особено на духот.

Колку се трпи сиромаштијата? Не се работи за тоа дали малку или многу, туку колку според нејзината тежина. Па ќе речам дека колку е потешка, толку е потрпена, а колку е полесна, толку е понетрпена. Немам право?

Ај размислете мислејќи на ова: не сте биле сиромашни, ами напротив, сè ви било достатно; сте се навикнале на толку, па почнало да недостига, да ви станува сè помалку. Прифаќате? Чекате да стане сè повеќе?

Ај размислете мислејќи на ова: сте биле сиромашни, сè ви било малку; таман сте се научиле на толку, кога станало уште помалку. Се разбира, се трудите, запнувате да го запрете сè помалкуто. Ама со навиката и наученото тоа не ви паѓа многу тешко. Напротив, го согледувате и му се радувате макар на подзапреното.

А со бедата, особено на духот? Е, таа…тешко на сите нам со неа. И на оние со богат дух помеѓу нас, и на оние кои постојано си го богатат. Кога е толку голема, толку раширена…Та уште кога избираме да нè водат со ептен бедни духови.

Македонски народни пословици

Жените сиромашки се облекле во кондури санд`клии, ако со борч од кондураџии се купени.

Жените со ластики, мажите без парички.

Жените со ф`стањето копринени, мажите со бечвите искинати.

Во празна плевна арамија не влегуа; и да влези, зијан не сторуа.

Гола сиромаштија, готова болест.

Господ е еден и за богат и за беден.

Во празен амбар глувци не влегуат.

Во празно трло и волк не влегуа.

Во празен кош не барај грош.

Пословици од народите на светот

Добро ми е и на подобро се надевам,
во што одам во тоа и спијам. (Српска)

Кашлицата и сиромаштијата не можат да се сокријат. (Српска)

Сиромаштијата не е грев, но од Бога е срамота. (Руска)

Богатите прават како што сакаат, а сиромашните како што можат. (Руска)

Лелекот на сиромавиот се крева до небо, но не стасува во човечки уши. (Арапска)

Кој нема ништо, тој не постои. (Италијанска)

Срамотата на богаташот и смртта на сиромавиот не се слушаат далеку. (Ромска)

Кога сиромавиот ќе кивне, мора сам на себеси да си посака здравје. (Мадагаскарска)

Кога сиромаштијата ќе влезе низ врата, љубовта излегува низ прозорец. (Романска)

Редок е оној што бара пријателство на сиромав. (Еврејска)

Сиромасите никогаш никој ништо не ги прашал. (Индиска)

Латински изреки

Товарот станува полесен кога се носи вешто. (Leve fit quod bene fertur onus.)

Домисла, гесло, мисла водилка

Сиромавиот се срами од својата сиромаштија; срамејќи се, тој ја губи гордоста; без гордост, него го презираат; презрен, се оддава на тага; тагата води во очај; очајот му го мати разумот, а секој знае дека непаметниот човек го демне пропаст. Ах, сиромаштијата е корен на сите зла. (Панчатантра, 2. век, староиндиска збирка басни и приказни)

Кој има многу сребро, може да биде среќен,
кој има многу јачмен, може да биде среќен,
но оној што ништо нема, тој мирно спие.
(Сумерска изрека)

Сиромавиот човек е повеќе мртов отколку жив;
ако има леб, тогаш нема сол;
ако има сол, тогаш нема леб;
ако има месо, тогаш нема јагне,
ако има јагне, тогаш нема месо.
(Сумерска изрека)

Рекле, издумале

Човек кој не може да плати наоѓа друг човек кој не може да плати-да гарантира дека тој може да плати.
Чарлс Дикенс

Лелекот на сиромавиот се крева до бога, но не стасува во човечките уши.
Фелисите Ламенес

Сите просјаци се помируваат крај лонец.
Дени Дидро

Безгрижно спие меѓу лотосово цвеќе сиромав со ведра душа.
Моша Хами Луцато

Сиромавиот ни на себеси не е добар ни на друг.
Марин Држиќ

Постојат два вида сиромаси: едни се сиромашни заедно, а други се злопатат сами. Единствено оние првите се вистински сиромаси, а овие другиве се само злосреќни богаташи.
Жан-Пол Сартр

Бог посакал да го развесели сиромавиот: го сокрил неговото магаре, а потоа му помогнал да го најде.
Перикле

Да не се умее да се поднесува сиромаштија, срамота е; да не се умее таа со работа да се отстрани, уште поголема срамота е.
Перикле

Немаштијата е најголемо искушение: и најмудрите риби гладта ги тера на јадица.
Јохан Волфганг Гете

Да се биде сиромав и независен е речиси невозможно.
Вилјем Кобет

Сиромаштијата била мајка на многу големи луѓе.
Орисон Свит Марден

Оној што знае како е да се биде сиромав, знае сè.
Жил Мишеле

Сиромаштијата не е само несреќа, таа е и понижување.
Џорџ Бернард Шо

Сиромаштијата не е срамота, но не е ни чест.
Френк Синатра

Сиромашните луѓе би сакале да живеат како милионери, а нас милионерите лекарите не принудуваат да живееме како сиромашни.
Френк Синатра

Сиромаштијата толку ги понижува луѓето, што сиромашните се срамат и од своите добродетелства.
Лук д Клапиер Вовенарж

Срамота е да не се отимаш од сиромаштија со работа.
Добрица Ќосиќ

Сиромавиот, штом ќе се угледа на богаташ, пропаѓа.
Публилиј Сириј

Сите сме во дел одговорни за бедата на светот. Нашето внатрешно воздигнување ќе ја намали.
Свами Хамсананда

Од сиромаштијата не треба да се срамиме. Има многу повеќе луѓе кои би морале да се срамат од своето богатство.
Јохан Нестрој

Бидејќи природата те создала како голо дете, не заборавај трпеливо да го поднесуваш бремето на немаштијата.
Марко Портиј Катон

Сиромаштијата под принуда е беда, сиромаштијата по волја е богатство.
Жозеф Мари Девондел

Кај сиромаштијата најголемо проклетство е што го врзува духот, па тој не може слободно да напредува.
Антун Густав Матош

Особина на мудреците е сиромаштијата да ја поднесуваат достоинствено.
Демокрит

Не е в ред да се фалиш со својата несреќа пред лицето на бедата.
Алдоус Хаксли

Некој е сиромав поради пороци, а некој поради добродетелства.
Исидора Секулиќ