39. Лицемерие

Лицемерието е насекаде околу нас, а најмногу пред нас. А во нас? Ако сме лицемерни, не го препознаваме кај други оти сами не се препознаваме такви.

Има повеќе и помалку лицемерни? Кој да ги изброи? Помалку или повеќе лицемерие? Немерливо е.

Како против лицемерието? Никако поинаку, освен со препознавање, откривање, разголување, па од маргинализирање до ништожење.Со мене вака, со тебе онака, а со него само така како што тој сака. Пред мене со едно, пред тебе со друго лице, а пред него и без лице за да не го препознае каков што е.

Од многу лица што ги има и ги употребува за покажување и докажување пред други, особено пред оние од кои зависи неговата лична кариера, најчесто е безличен.

Не поднесувам лицемерни луѓе. Поарно без нив, одошто пред нив да се докажувам колку вредам. Или, пак, да барам да ме вреднуваат.

Македонски народни пословици

„Брате, брате“, дури да те клаи в рака, да после ќе ти го сврти дебелио крај.

Го милуа као поеќе од ич.

Го милуа као снего в пазуа.

Го милуа као снего ланцки.

Го милуа као снего од беља.

Го целива со Јудино целивање.

Како срце болело, така очи плакале.

Пред тебе ти се праи светец, а зад тебе гроб ти копа.

Со лицомерие сака да живеи.

Страшен лицомерец јет.

Пословици од народите на светот

Очите на дволичниот се секогаш мокри. (Турска)

Дволичните се како ластовиците: лете ни долетуваат, а зиме одлетуваат. (Данска)

Не плаши се од хидра со седум глави, туку од човек со два јазика. (Персиска)

На една уста не ѝ прилегаат два јазика. (Германска)

Кртот и дволичниот работат во мрак. (Германска)

Штом некаде ќе забележиш скромност и проникливост, знај дека тука ќе се роди лицемерство. (Кинеска)

Од две лица образ не бидува. (Од повеќе народи и македонска)

Фали село, а живее во град. (Српска)

Домисла, гесло, мисла водилка

Оние луѓе што вршат страотни аскетски вежби и кои не се пропишани со законите на природата, напоени со лицемерство и себичност-тие имаат демонски намери…Ведрината на умот, благоста, молчењето, самосовладувањето и чистотата на срцето е аскеза на умот.
Бхагават Гита

Кој ги зауздува сетилата, а седи мислејќи со својот ум на сетилните впечатоци, душевно е измамен и лицемер. Вистински е повисок оној човек чии сетила се под умна контрола.
Бхагават Гита

Рекле, издумале

Оној што не знае да се преправа, не знае ни да живее. Претворањето е штит што крши секое оружје, дури и повеќе-тоа е оружје што пробива секој штит.
Пјетро Аретино

Ние го фалиме чесниот, но го пуштаме да умре од зима и глад.
Децим Јуниј Јувенал

Кога човек сака да се допадне во друштво, мора да се преправа дека научил многу од она што го знае од оние кои за тоа ништо не знаат.
Никола Себастијан Шамфор

Нема поголемо лицемерие отколку кога една богата нација или богат поединец ги убедува сиромашните за незгодите на изобилието и добрите страни на сиромаштијата.
Роберт Луис Балфут Стивенсон

Кој себеси се прикажува зелен, ќе го изедат кози.
Јохан Волфганг Гете

Не можеш да им го проповедаш на луѓето она што самиот го порекнуваш.
Алексеј Максимович Пешков-Максим Горки

На земјата би имало помалку зло кога злото не би се правело во име на доброто.
Мари Ебнер-Ешенбах

Единствен грев што не може да се прости е лицемерието, а каењето на лицемерот е само по себе лицемерие.
Вилјам Хазлит

За мртвите се најубаво-само кој тоа ќе го дочека!
Милован Витезовиќ

Нема ништо што би било поподло и што повеќе ѝ одговара на масата, одошто прекрасно да се зборува за оние за кои сме немале високо мислење пред да се издигнат.
Жан д` Ла Бриер

Дури и мртовечкиот покров не е украсен на страната свртена кон умрениот.
Станислав Јержи Лец

Толку сме се навикнале да се преправаме пред други, што на крајот почнуваме да се преправаме дури и пред самите себеси.
Франсоа Ла Рошфуко

Оние што се преправаат секогаш се крадци на добродетелта.
Конфучиј

Знаењето на лицемерот има извонредни предности.
Баптисто Поквелин ди Молиер

Никогаш не ги слушајте оние што лошо зборуваат за други, а добро за вас.
Лав Николаевич Толстој

Други видови на лицемерна измама вклучуваат тврдења за занењето кое недостасува, тврдења за доследноста која човек не може да ја одржи, тврдења за лојалноста која не ја поседува, тврдења за идентитетот кој не го поседува.
Давид Рунциман

Политичкото лицемерие е свесно мкористење на маска за да се измами јавноста и да се стекне политичка корист.
Михаел Герсон

Имајќи во длабочината на срцето омраза, лицемерот покажува љубов излиена само по површината, додека подводните карпи, стени штотуку допрени од водата невнимателните можат да ги затекнат како неочекувано зло.
Василиј Велики

Лицемерието значи едно да имаш, а друго да правиш. Славен си поради благочестие? Ако си вистински благочестив и за ништо лукаво во себе не знаеш, и треба да се радуваш зашто не лицемериш, туку си болагочестив. А ако не си, а сакаш голема слава, помисли на тоа дека во овој ден луѓето нема да ни судат, туку Оној Кој непогрешливо ги знае тајните. Оној што ги познава своите согрешенија, а сите го сметаат за чист, не само што не треба да се радува, туку треба постојано да боледува и горко да лелека, мислејќи на Денот во Кој сè се открива. Уживаш во честа? Отфрли ја, знаејќи дека те задолжува. Никој не ти пружа чест? Радцувај се поради тоа.
Јован Златоуст

Лицемеру! Извади ја прво гредата од своето око, па тогаш јасно ќе видиш како да извадиш трнка од окото на својот брат.
Исус