19. Зло

Никому зло да не му мислиш, a секој што тебе ти мисли најмало да помисли зошто му е. Никому зло да не му правиш, а секој што ти прави најмало да се праша чуму тоа.

Нема спас од него, и мислено и правено, сè дури има за луѓе да не ги слагаме.

Зло од невнимание или од несакање може со напор да се совлада, со добро да се порази. Но зло со намера да се повреди, да се нанесе болка, рана, не оти нема да се заборави, ами може да предизвика друго, па трето, четврто. Tа да нема крај во нанесувањето зло еден на друг, едни на други, во слепило и беснило.

Злото се казнува од оние што го бранат доброто за сечие добро. Во секое и сечие време.

Македонски народни пословици

Бори се со злото и викни го на помош доброто.

Варди се од злото, дури не ти дошло.

Зло за зло не враќај.

Злото многу лесно дојдуат, а доброто мачно.

Кој си чинит (зло, тој на) себе си (го чинит).

Којшто има пари, и зло и добро со нив праи.

Мајка на чедо зло не мисли.

Малце и ако се налутиш, ами зло гледај да не сториш.

Од него спаси-бог нема, а за зло има.

Прави добро, да најдеш зло.

Со зло на глаа не се излегуа.

Тој што враќа зло за зло, чоек не слагај го.

Тој што зло ти мисли, господ да си го прости.

Тргна ли во злото, ете го пред тебе дошло.

Викај по волкот, дури не влегол во булукот.

Дојди, бре зло, оти без тебе уште позло.

Зло трн, зло копачка.

Змијата не к`свит за најас, а за пакос.

Зулумот кога навали, луѓето тргаат триста маки.

Истај ми се од пред очиве, оти како крв ми се гледаш.

На секое зло смртта му е лекот.

Не тргна рака од злото, аќибет не тргна.

Не чекај добрина од чоека што е роден за злоба.

Со зло на глаа не се излегуа.

Тргна ли во злото, ете го пред тебе дошло.

Пословици од народите на светот

Повеќе плаче оној што прави зло одошто оној што прави добро. (Португалска)

Кој не се плаши од туѓото зло, тој не му се весели на своето добро. (Чеченска; јазикот им припаѓа на групата североисточнокавкаски јазици и спаѓа помеѓу најкомплицираните јазици на светот.)

Злото и доброто порано или подоцна го добиваат тоа што го заслужуваат. (Индиска)

Лесно се заборава доброто, но злото мачно. (Балкански народи)

Копривата расте и непосеана, а пченицата не расте ни кога ќе ја посееме. (Литванска)

Житото не трае така долго како сламата. (Германска)

Кој не е способен за зло, не е способен ни за добро. (Туркменска)

Ако сееш кактус, не очекувај грозје. (Арапска)

И помеѓу зла постои избор. (Арапска)

На зол човек и дин им нема прегради. (Етиопска)

Зло е кој не знае, а не сака да учи. (Српска)

Ако злото не сака да избега од тебе, тогаш ти бегај од него. (Српска)

Латински изреки

Од (повеќе) зла да се избира најмалото. (Ex malis eligere minimum.)
Кој сее ветер, ќе пожнее бура.

Домисла, гесло, мисла водилка

На будалиот што му чини зло на добриот човек, кој е чист и ослободен од гревови, злото му се враќа како прав фрлен против ветрот. (Дхамапада, збирка афоризми од будистичко-морален систем, 2. век од ст.е.)

Како што `рѓата на крајот го уништува железото, така нечистите постапки го одведуваат човекот на патеката на злото. (Дхамапада)

Од кај што ни доаѓа доброто, оттаму исто такла ни доаѓа и злото, а и можноста да го избегнеме. (Дхамапада)

Духот зол на почетокот е сличен на нишки пајажина, а на крајот на колски јажиња. (Талмуд)

Кој враќа зло за добро, нема злото да се оддалечи од куќата негова. (Стар завет)

Рекле, издумале

Кој не го казнува злото, тој заповеда тоа да се прави.
Леонардо да Винчи

Како што огнот не се гаси со оган, така ни злото не се гаси со зло.
Лев Николаевич Толстој

Чудно! Човек се буни против зло што доаѓа однадвор, од други, зло кое тој не може да го избегне, а не се бори против своето сопствено то зло кое е во негова власт.
Лев Николаедвич Толстој

Тоа што ние сметаме дека е зло по себе, на повеќето им е добро кое сè уште не сме го сфатиле.
Лев Николаевич Толстој

Во злото се верува веднаш, во доброто дури дополнително.
Жан Пол Сарт

Од две зла треба да се избере она помалото.
Марко Тулиј Цицерон

Каде што е сè зло, добро е да се знае она најлошото.
Френсис Херберт Бредли

Дека светот е полн со зло, тоа е тажаленка стара колку и историјата на човештвото.
Имануел Кант

Ако имате непријател, не враќајте му добро за зло оти тоа ќе го понижи. Напротив, покажете му како тој да ви направи добро.
Фридрих Вилхелм Ниче

Злото што го кажуваме за други создава зло за нас.
Николас Боало

Не знаејќи каде лежи злото, не можеме ни да го избркаме.
Николо Томазо

Ништо не е зло само по себе. Злото станува зло само преку погрешна употреба.
Мари фон Ебнер-Ешенбах

На земјата би имало помалку зло кога злото не би се правело во име на доброто.
Мари фон Ебнер-Ешенбах

Само за зло имаме отворени очи и долго паметење.
Владимир Назор

Има добро, има осредно, но во светот најмногу има зло.
Марцијалис

Што е зло? Сè што потекнува од слабост, завист, одмазда. Антихристот и христијанинот се со исто потекло.
Фридрих Вилхелм Ниче

Сметам дека Бог мдолго и трпеливо пати токму затоа што го допушта злото низ светот.
Махатма Ганди

Се противам на насилството, затоа што кога изгледа дека прави добро, доброто е само привремено; злото кое го предизвикува е постојано.
Махатма Ганди

Ништо не е зло само по себе. Злото станува зло само преку погрешна употреба.
Свами Хамсананда

Доброто и злото се две пружини на свеетот кои го држат во рамниотежа.
Карло Бини

Нашѓата генерација нема толку да се срами поради злодела на лошите луѓе, колку поради индиферентноста на добрите.
Мартин Лутер Кинг

Стани и биди слободен! Знај дека секоја мисла и секој збор што те слабее е твое единствено зло на светот.
Свами Вивекананда

Кога лошите луѓе ќе се сојузат, добрите мораат да се здружат: инаку тие ќе паднат, еден по еден”.
Едмунд Бурк 

На лошите луѓе не им треба ништо повеќе за да ги остварат нивните цели од тоа добрите луѓе само да гледаат и ништо да не прават
Џон Стјуарт Мил

Светот е опасно место. Но, не поради злите и опасни луѓе, туку поради луѓе кои не прават ништо по тоа прашање.
Алберт Ајнштајн

Зло е ако ги следиме лошите, но зло е и ако не ги следиме добрите луѓе.
Демокрит

Не е животот зло, туку лошиот живот е зло.
Диоген

Можно е да се греши на мнолгу начини-а само на еден начин може да се прави она што е правилно. Затоа тоа е лесно, а ова е тешко. Лесно е да не се погоди целта, а тешко е да се погоди. Поради тоа, својство на злото се претераноста и недостигот, а својство на добродетелта е средината. Всушност, добар може да се биде само на еден начин, а лош може да се биде на многу начини.
Аристотел

Никому не враќајте зло за зло, а размислувајте пред сите лујѓе за тоа што е добро. Ако е можно, доколку тоа зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се.
Апостол Павле

Не дозволувај злото да те победи, туку победи го злото со добро.
Апостол Павле

Тргај се од злото и прави добро!
Свети Климент Охридски

Доброто е она што треба да се прави и следи-злото е она што треба да се избегнува.
Свети Тома Аквински

Трудот ссе смета за зло затоа што во повеќето држави само со претеран труд се добиваат потребни средства за живот и затоа што идејата за трудот секогаш предизвикува во чувствата идеја на страдање.
Клод Хелвециус

Способноста, вештината и истрајноста можат да го поправат злото.
Симон Боливар

Злото треба наполно да се отфрли, да се турне преку оградата и да се отстрани, помагајќи така во создавањето на еден свет кој ќе ги заборави местото и улогата на злото.
Вилијам Џејмс

Разумот те учи: Сакај го доброто, мрази го лошото!-Човекот треба да љубит харното и да пизмит лошото.
Григор Прличев