2. Почеток

Што почеток? Зошто почеток? Каков почеток?

Зошто романов да има почеток? Може ли вакво дело да почнува? Се чини не може! Не може!

Има идеја, приказна, план, скица? Нема. Како нема? Ете така, нема. Само дека ќе го пишуваат Јас книжевник и Јас обичен смртник до којзнае кога. Како белешки за што било, за сè и сешто доживеано-недоживеано, преживеано-непреживеано, замислено-премислено, создадено-пресоздадено. Да, и за несоздадено. И за животот и за сенешто во него и од него.

А јас? Што јас?! Јас само одвреме-навреме ќе се замешувам меѓу нив, кога ним нема да им се пишува или ќе се уморат од пишување. Колку да ја пополнам празнината и понешто да доречам.

Секако дека и Јас книжевник и Јас обичен смртник, како секој друг жив и творечки настроен, ќе пишуваат и за ништо.

Во секој случај, делово би требало да биде интересно. Ќе видиме, ќе дознаеме, ќе разбереме откако ќе се испише, ќе се прочита и можеби ќе се чита.