15. Јас книжевник:
Грандиозно и епохално

Единствен проблем со зборовите е дали се употребени на соодветно, вистинско место, според значењето, смисловноста и поврзаноста со други во исказот. Ако не се, ќе бидат празни, излишни, можеби прекубројни, ќе го изгубат значењето и смисловноста. Или ќе добијат ново, контекстуално. Единствено во поезијата е дозволено какво било поигрување/играње со нив. Со што се создава нов, заумен свет, нов говор и нова расположба (пример автоматскиот текст односно автоматската поезија во надреализмот).

Во врска со моето книжевно творештво еднаш употребив два збора за кои некои забележаа дека се „претерани“, „препотентни“, „пресилни“, „некритички“, па и „неаргументирани“: тоа е грандиозно, а едно мое поетско дело е епохално.

Клучно прашање во врска со „таквите“ зборови е знаењето, вредносниот критериум и искуството. Тие би можеле да ги подведеме под поимот самосвест.

Грандиозноста односно огромноста, па и величественоста на моето досегашно творештво неколкупати сум ја „илустрирал“, па сега само сума сумарум: 50 создадени и објавени прозни, поетски, сатирични дела, како и илјадници мудрости и други јадровизми или проблесоци во мислата.

А кое мое поетско дело го „прогласив“ за епохално? Оние што го следат моето наспоредно тековно создавање и објава на создаденото секако знаат. За оние што не знаат:

Тоа е поетската студија „Создател во изгревот и залезот“, составена од 12 одделни, создавано цели 50 години! Во меѓувреме, во 1998. година ја објавив во книжен формат нејзината „основа“ под наслов „Генерика“, како библиофилско издание со нумерирани 99 примероци.

Знаете ли за толку обемно и сложено поетско дело (поетска студија е мој поетски жанр, од мене смислен) во светската поезија? Јас не знам.

Освен големината, поточно грандиозноста, ова поетско епохално дело иома цврста поетолошката рамка, целината, структурата. А суштественоста е во „заедничкиот именител“ на сите 12 одделни, едновремено автохтони поетски студии. Мошне важно, како своевидна „приказна“ е нивното врзовно ткиво.