18. За познавањето, знаењето и препознавање

„Го знаеш овој?

-Не, само го познавам.

-А го препознаваш оној?

-Познат ми е, мислам одамна, ама не ми текнува од каде“.

Во дијалогов забележан на разминување со еден младич и средовечен човек, е суштината на проблемот кој чинам дека е од извонредна важност за опстојувањето, докажувањето и афирмирањето на културниот, творечкиот, но и на секој друг индивиуален и колективен идентитет.

Освен како насловот, тој би можел да се формулира и вака:

Дали умееме и дали сме подготвени во вистинско време да препознаваме, запознаваме и афимираме луѓе-творечки личности, со вредности и доблести кои ја предизвикуваат нашата доверба и со кои уште повеќе ќе ја затврдиме сопствената достоинствена иднина?

Се разбира, мислам пред сѐ на нужноста од навремено препознавање, запознавање и афирмирање на млади, нови, но и луѓе-творечки личности „во заветрина“ кои (ќе) бидат помеѓу столбовите што (ќе) ги крепат континуитетот, сегашноста и иднината на човековата цивилизација. Во политиката, бизнисот, културата, науката, спортот…

Суштината на проблемов е колку сме ние во состојба, колку сме научиле, колку сме подготвени и колку сакаме да препознаваме такви луѓе помеѓу нас. Од кои ќе побараме, со својата чесност, совесност и доследност, со стручноста, стекнатиот авторитет и искуството не да го преземат кормилото на бродот на нашево време низ неизвесните бранови, плими и осеки на идното, не да станат наши лидери, туку да станат наше препознавање во светот и придвижувачи на нашите устреми кон догледни цели.

Најнапред, тие/таквите не се помеѓу „старите“ и досега „наметнатите“. На пример, во политиката сите што ги знаеме се веќе докрај „соголени“ и со ништо никого не можат да „изненадат“. Работат/дејствуваат во политичките партии, макар и во рамките на нивните подмладоци, се разбира, со „скромни“ активности. Тоа значи дека новите ги знаеме надвор од тие редови, односно во други.

Се знае кои: во областите во кои се остваруваат. Создаваат, творат, дејствуваат како индивидуи, кои се афирмирани како личности. Со други зборови, стекнале и го бранат постојано сопствениот авторитет, едновремено надградувајќи го.

Сакам посебно да ја истакнам нивната индивидуалност, а која во колективното дејствување претставува проблем ако тоа го разбираме како „надиндивидуалност“.

Познавањето нови луѓе претставува умешност, лична способност да се посматра светот и луѓето во него од дистанца. „Колективната“ способност, на која нѐ учеле и нѐ учат „старите“ во името на сопствената одбрана, е всушност лична неспособност. Можеме да познаваме нови на кои ќе посочиме, кои ќе ги побараме во пресудни, пресвртни моменти, само ако сме решени да ја поразиме токму неа.

Најважно е препознавањето. Имено, новите луѓе како индивидуи, како личности не се наметнуваат себеси со своето присуство кај што треба и кај што не треба. Напротив, тие ја избрале или ја избираат средината во која се движат, егзистираат и создаваат/творат. Најмалку, пак, се местат да бидат „фатени“ од ТВ камери, да се истакнуваат со „активно“ учество на дебати, конференции, настани, да бидат актери во нив. Со вешто скриени лица зад секакви маски.

Напротив, ненаметливоста на вистинските личности (не на големи или мали) е само потврда не на нивната скромност, туку на свеста дека она што го создале и го создаваат е доволно стамено како одбрана пред сѐ на нивното лично достоинство.

Неретко можете да чуете творец:

„Моето дело зборува само за себе. Егзистира, опстојува или не без мене“.

Следствено, нашето препознавање на творечките личности е всушност знаење или познавање на нивното дело, на нивното творештво, на создаденото и создавањето.

Посочувам на еден, можеби најголем проблем што го оневозможува решавањето на проблемов: како индивидуалното да овозможиме, да обезбедиме секогаш да биде над колективното? Тоа е засега невозможно? Да. Зошто?

Меѓу другото, поради свесното уривање, разорување на системот на вредности од страна на „старите“ (уривачите, разурнувачите, обезвреднувачите). Затоа што кога би било спротивното-да имаме поставен, утврден, дефиниран и постојано надградуван систем на вредности, кој ќе кореспондира со светските норми и стандарди, многу лесно ќе се разголи нивната безвредност.