22. Поетска инсталација

Мигот како зрак светлина, проблесок, молња, грмотевица. Но и како сега, како овде, како некогаш, како некаде. Но и како време, времетраење, период, долготрајност. Но и како случување, настан, настанување. Но и како спомнување, спомен, споменик. Но и како живот, дејание, делотворение, создание, создавање.

Да, животот е миг исто како смртта. И мигот е живот исто како молк, исто како збор. Сепак, од сѐ најважно за сѐ и во сѐ: мигот е случен, се случува или ќе се случи за незаборав.

Секој си има свој миг и свои мигови. Миг на успех или пораз, на подем или пад, на устремувања во височини или на безнадежие. Мигови на вљубувања и спокојувања, на трепети и вознеси, на молчание и недозбор.

Имам јас еден голем миг како многу. Возвишен, никогаш целосно откриен, никогаш докрај одгатнат. Миг сомнежен и за творечки поттик. Преполн со минато и сегашност, со предвидена и неизвесна иднина. Животворен еднакво колку и делотворен. Еднаш како momentum, другпат како monumentum на негово продолжение. Третпат како импулс, поттик, енергија, придвижувачка сила, како движење, придвижување-мovimentum. Преточен, вграден, втемелен во цел еден, до последен детал осмислен систем, да не може никој да го разнебити. Во исто време блескотен и драматичен. Momentum и како поетска инсталација.

Поетска инсталација?! Да, како нова творечка форма, како нов поетски дискурс. Како секоја друга уметничка инсталација.

Значи:

Поетски интервенции во конкретен простор (сцена) со кои се модифицира перцептивното искуство на доживувачот на поезијата, а едновремено се збогатува со нови значења и содржини. Со ограничено времетраење.

Поезија во рамки на комплексна уметничка инсталација? Може, ама тоа не е поетска инсталација. Би била доколку поезијата или песната (во продолженија или повторлива) е главна, темелна и доминантна, а други „составни сегменти“ се од која било или од кои било други уметности. Притоа, тие не мора да бидат нејзино докажување или потврдување, туку може, како и поезијата, да бидат сцена, мизансцен, дејствие, движење, игра, доживување, атмосфера, амбиент…

Темпорална поезија? Не, затоа што не содржи просторно-временски интервенции, проекции, манипулации, меѓузависности, туку е песна-поезија во која било форма, од кој било жанр, во активно односно пасивно содејство со друг уметнички исказ.

Тешко разбирливо, тешко приемчиво, најтешко докажливо? А кому му е сето тоа потребно?

Во 1981. година ја објавив книгата „Momentum“, со поднаслов (како конкретизација) „Маска или драма во едно лице множина“. 38-те momentumi (песни) се поделени во циклусите „Сцена“ (17), „Преобразби што ќе ги постават настаните во логичен ред“ (10), „Мудрости заради кулминација“ (4) и „Последен чин или спокојно доаѓање на утрото“ (7). Во посебно поглавје под наслов „Гласови“ се објавени гласовни „ситуации“ и „доживувања“ на песните како дијалози (поврзани помеѓу себе во една целина), а кои се одвиваат во посебни-единствени амбиенти односно сценографии-осмислени простори.

Сторена е грешка: моето дело „Momentum“ не беше назначено како поетска инсталација.