23. Антологија и хрестоматија

Не ги прифаќам и не ги признавам антологиите! Зошто?! Знае секој што знае макар малку, го знае макар основното: не вредат, отсекогаш биле и се единствено личен/субјективен избор, што значи показ, доказ, афирмација на личен афинитет и/или врдносен критериум. Што не значи дека не ги почитувам. Но тие најчесто се: искривена, лажна, неточна „слика“, неконзистентен, неверодостоен, измесетен, едностран, тенденциозен, па и пакосен, па и лицемерен, па и бесрамен однос спрема стојностите на една литература, вооошто спрема писателите и нивното творештво.

Зошто ваква моја „жестока негација“ на антологијата „како таква“? Затоа што не сум застапен во нив, во ниедна понова, па и постара на македонската современа книжевност (поезија, краток расказ…)? Се разбира дека не! Не би бил ни многу среќен и задоволен кога некој од антологичарите би се сетил да ме застапи. Со други зборови, тоа никогаш ништо не ми значело, ниту ми значи. Еве зошто:

Според својата суштина и значење, анотологијата е или би требало да биде исклучиво избор, личен/авторски или на група автори, што се темели на лични естетски критериуми и вреднување/ Со намера тие да се афирмираат, поточно да се наметнат како „општи“, па и единствени. Лични се и кога се од група автори (заеднички лични).

Да повторам: антологијата е лично, авторско и творечко дело кое обзнанува, афирмира, па и наметнува лични или споделени вредносни и естетски критериуми. Ништо друго!

Бидејќи јас своите ги обзнанувам и афирмирам во делата што сум ги создал и ги создавам, без амбиција да ги споделувам со друг/со други, тогаш…

Немам ништо против временски ограничен антологиски избор (генерациски) или тематски, ама единствено како: првична информација, запознавање, како предизвик, поттик за продлабочено, па и сеопфатно презентирање на едно творештво (сеедно во „домашни“ или во „странски“ рамки). Притоа, естетските и вредносните критериуми (што би ги „задоволил“) се сосема ирелевантни.

Всушност, немам ништо против да бидам застапен во хрестоматија на македонската книжевност или некој да ја „направи“ за моето творештво! Напротив, тоа искрено го посакувам. На пример поради годините, но пред сѐ поради обемноста и разновидноста на моето творештво (како факт, не како моја претенциозност).

Затоа што е таа нешто сосема друго: проучување на она што најмногу вреди да се знае (основно толкување); затоа што е избор на значајни, клучни дела при натамошно проучување или толкување на едно творештво (лично/на автор или национално, во рамките на еден книжевен правец, жанровско…), и тоа најнапред како извор за негово познавање; макар само како збирка на избрани дела или одломки од нив.

Да, хрестоматијата како научен труд е веќе присутна кај нас. Ја имаат во својата библиографија некои македонски научни и книжевни дејци.