25. Раскажувањето и кажувањето

Многу е полесно да се раскажува во трето одошто во прво лице еднина. Најпрвин е поголема слободата, да се каже сѐ не којзнае колку доживеано, нешто да се премолчи или да не се дорече, а нешта да се придодадат за на пример динамиката и возбудата да бидат поголеми.

Кога се раскажува во прво лице еднина, најпрвин е одговорноста пред себеси; колку тоа да не изгледа, да не прозвучи, да не се доживее лично од страна на читателот/слушателот, а потоа поистоветувањето со раскажувачот односно преземањето на неговата „улога“; притоа да не се претвори во исповед или мемоарска/биографска „одредница“.

Мене одамна ми се лесни и тешки раскажувањата и во трето и во прво лице еднина. Што ќе изберам, зависи од моментната расположба и она што сакам да го раскажам. Притоа, во трето лице ми е некако посоодветно за краткото, а во прво за долгото раскажување.

На пример, секогаш, речиси без исклучок ми е кратко раскажувањето на ситуација во која сум бил и која во мене предизвикала состојба на промислување. По што искажувам стојалиште, дилема, прашање без одговор, исходиште, сублимиран афоризам или друг јадровизам.

На пример:

Многу животни искуста докажуваат дека ближните сѐ повеќе се оддалечуваат едни од други. Најчесто оставнината е причина и за одродување од сите.