27. Вредноста
(Нафрлоци за есеј)

Животот се темели на вредности, а не на минливи и маргинални состојби, процеси, доживелици, преживувања. Вредносното е она што го придвижува светот напред, постојано го богати со нов квалитет, му ги затврдува постојните и му дава нова смисла и нова содржина.

Вредностите не се менуваат, ниту се заменуваат со други. Се разбира, тие не се вечни, туку постојано се надградуваат. Зашто, доколку се сменат, доколку се заменат со други-нови, што би значело негација на постојните, тогаш мора да се воспостават нови, и тоа колку може побрзо, ако не едновремено. А тоа, меѓу другото, значи негација на постојниот.

Кој ги признава и прифаќа вредностите? Најнапред, оној што сам ги создава, а потоа сите други според утврден систем на вредности кој го (пре)вреднува животот. За најпосле да ја проширува и продлабочува неговата просторно-временска димензија. Создавањето нови и/или пресоздавањето на постојните вредности значи нивно почитување, признателност, негување, продолжување.

Најнапред, почитувањето и признателноста поставуваат-овозможуваат постојана надградба на еден вредносен систем. Токму тој-вредносниот систем зависи од континуираноста на културниот и духовниот развој на личноста. А од тој развој, пак, зависат целите на кои сакаме да стасаме, кои сакаме да ги достигнеме.

Во одбрана на затврден и континуирано надградуван вредносен систем се ставот, критериумот, а најмногу личната одговорност. Ставот како резултат на промисленост, чувствување, како постапување на одреден начин, со што директно се влијае врз забележувањето, мислењето и социјалното однесување. Критериумот како постигнување или правило на однесување, односно проценка на нормалноста на некое однесување или оценка на пожелноста. Одговорноста, пак, најнапред како лична, како збир на постапки со кои се почнува секој трнлив ôд кон догледан и согледан врв.

Од многумина е речено дека вредностите ја одредуваат и потврдуваат смислата на каква било активност и делотворност , на стремежите, извишувањата и благосостојбата на човекот. Тие го потврдуваат, постојано сѐ подлабоко го вкоренуваат индивидуалниот и колективниот идентитет. Притоа, приоритет им се дава на приватноста, индивидуализмот, еднаквоста, особено на еднаквоста на духот и слободата.

Важно е да се има предвид дека секое општество има многу вредности, а тие не се еднакво значајни и се менуваат со текот на времето. Меѓутоа, некои од нив се темелни, врз кои се градат и надградуваат свеста и совеста, благородноста на човекот и воопшто на животот: здравјето, приврзаноста, личното достоинство, слободата на движење, кои обично се наредуваат во групата универзални вредности.

Кога е збор за вредностите, од суштинско значење е релацијата вредност-култура. Може поточно да се зборува за нивна меѓузависност и временска обусловеност. Имено, се потенцира дека културните вредности во една општествена заедница се секогаш во дефинирана егзистенцијална рамка, а најмногу зависат од човековата природа и способностите што ги има за соочување со неа, па и спротивставување односно постојана настројба таа да се пробива, разбива, надвладува.

Во мноштвото вредности на животот постои една доминантна која на некој начин влијае врз воспоставувањето на хиерархиската нареденост, врз приоритетноста на останатите.

Не треба да се занемарат негативните вредности кои луѓето, нормално, очекувано се обидуваат да ги избегнат. Кои им се дури неподносливи. Во таа смисла, најчесто се посочува на оние што доаѓаат на преден план во војна, како што е на пример нетолеранцијата спрема насилството на окупаторските власти.

Во создавањето систем на вредности мошне важна улога имаат нормите кои се дефинираат како правила и насоки што утврдуваат одредено однесување на човекот спрема другите, неговото однесување во заедницата. И тоа во определени, детерминирани ситуации. Со други зборови, тие ја овозможуваат контролата на социјалното однесување, но едновремено се и израз на општествени и културни вредности. Тие се разликуваат од едно до друго општество, од една до друга култура, па и во рамките на една иста.

Дали потрошувачкото општество создава вредности? Се разбира, но тоа едновремено и ги урива; брзо негира едни, а наметнува други. Поточно е да се каже дека брзо, дури неприфатливо брзо во однос на прилагодливоста на човекот, на неговата континуирана надградба, го менува критериумот за вредност. Неговото највидливо позитивно воздејство, според многумина единствено, е дека овозможува материјална, финансиска поткрепа и поттик, (ре)афирмирајќи ги амбиентот и постојаното подобрување на животниот стандард.

Воопшто, а особено кога е збор за потрошувачкото општество, од суштинско значење е да се знае разликата помеѓу вредноста и цената. Цената помалку прифатена во својата „вообичаена“ категоријална дефинираност-како вредносен израз на некоја стока или услуга утврдена на пазарот, во зависност од понудата и потрошувачката, а вредноста како смисла на постоењето на човекот и како одбрана на неговата препознатливост. Пред сѐ поради фактот дека вредноста создадена од него неретко воопшто не е за на пазар.

Во оваа смисла е мошне прифатлива и упатна бисерната мудрост на Оскар Вајлд:

„Циникот ја знае цената на сѐ, но не ја знае вредноста на ништо“.