Јас во тебе, ти од мене

Си докажувам дека
нема ништо попрво
од сон што ита низ неспокој
се пробива со сите
насобрани сили
кон недоброј денови и ноќи
за друго време да достаса
со првиот зрак
врз урнатините на нашата
куќа од камен и сува земја
со насобрани ветришта
во темелот

не мислам дека допрва
ќе се случи да се будам
во тебе
сосе насобрано та заборавено
во животот минат како миг
на слепост и немост
пред убост

ти од мене зеде сѐ
пред замин
за никогаш и никаде
да не запреш
за намерно и случајно
да не се вратиш
во дното на душата одново
да почнеш да ми ја мериш
љубовта
која така штедро ти ја истурав
в срце
кога беше отворено
за ново раѓање на збор
до изгор

сепак мислам дека
макар уште еднаш
ќе се разбудам во тебе
за убост насликана
со темни светли
студени и жешки бои
што ми ја остави
на единствениот ѕид
од урнатините
на нашата куќа
извишен до небо