97. Заоѓањата

Почнав да ги гледам
секој ден
откако си ја уморувам
снагава
на ветер на дожд
во магла
под темни облаци
и меѓу молњи

не им пркосам
со годиниве
не тврдоглавам
како да сум карпа
со векови
во здивот и издивот
кои не успеале
ниту зрно да му одронат

почнав да ги гледам
откога почна ненадејно
сѐ постудено време
откако забележав дека
се побавни
и губат од силните бои
особено се сѐ помалку
црвената и сината
во нив

еднаш сум на брег
на река
од ден на ден колку
подлабока
од ноќ на ноќ толку
поширока
другпат сум качен
на рид
на кој се почесто
починувам
еднаш седнат
под орев
што сѐ повеќе старува
со мене
другпат на раб
од шума
што горела многупати
и пак се шумеела
и се извишувала

почнав да ги гледам
залезите
откако забележав дека
сѐ подлабоко
тонам во нив