91. На дното од молкот

Толку многу години
минавме
во ден и ноќ страдни
од молнени радости
и суви рани
та сега ни е сеедно
кога се будиме
а кога заспиваме
на дното од молкот
што нѐ преболел
во сите сегашни
и идни времиња

на дното од молкот
ниту зрак ниту призрак
на сонце или месечина
на ѕвезда да е
наша виделина

на дното од молкот
узнавме дека
само ништо оставаме
како никогаш и никаде
да не сме биле
дека само ништо било
и секогаш е помеѓу нас

да запреме овде
под овој камен одронат
од врв
тој да му раскаже
на некој
што ќе го раскопа
и преврти
за свое место ова парче
заборавена земја
колку сме растеле до небо
и колку сме пустиниле
пред друг

додека години минувавме
во ден и ноќ страдни
од молнени радости
и суви рани