90. Тишината помеѓу нас

Да ми е да знам со кој
подземен бран
ни иде за што подолго
мрачна да биде
без ниедна ѕвезда в очи
без здив од залез далечен
божем ќе е вечен
во нашите тела
уморни од непочин голи
со сѐ што од време
ни одзела

само узнав дека долго
ќе остане
да не гори од дамнина
до иднина
помеѓу нас да не може
ниту молк
да брани да прозбори
за судбини
што биле крикови
од живи рани

ништо не знам за мраз
и студен ветер
и облак темен
кој одамна покрил
сѐ живо во нас
што се скрило
а кога сончев зрак
пробил
немало никој што
да каже
нешто ко да било
да прекаже
тајно писмо од корен
да докаже

со кој подземен бран
ни иде
од далечен залез
невиден
та сме исплашени
преплашени
како да сме сами
во празнина
од љубов до бескрајна
осамина