87. За помни ме

Запиши ме на ореов лист
паднат на земја на која одамна
ништо не из’ртува и сѐ пресушува
пред коренување
па препиши ме во каменот
што го избрав од големите
струполени под врвот
на мојата сушност
за вечен починок

само внимавај да не допишеш
нешто од нашата игра во маски
откако пораснавме големи и силни
да не може никој да ни ја совлада
достојноста
никој ниту да помисли
да ни ја зароби опстојноста

јас одамна не се сомневам
дека запишан не ќе бидам
од никого близок и најблизок
заборавен
а препишан во вековен студ
и мрак земјен

ќе останам во тебе
како од предавство на молк
искрвавен