10. КОНКРЕТИЗАЦИЈА

10. 1. Глобална-доминантна програмска определба (концепција)

Глобалната програмска определба во суштина е определба за основните елементи на едно радио со кои тоа се препознава во развиен, плурален радиодифузен простор. Од неа произлегуваат конзистентноста на програмската шема и организационата поставеност, од кои, пак, заедно со материјално-финансиските предуслови, зависи нејзината реализација, се разбира и воопшто квалитетот и компетенцијата на радиото.

Нејзиното дефинирање е детерминирано од законските барања-услови, но многу повеќе од степенот на теоретските и искуствени сознанија за современоста-модерноста на овој масмедиум. Значи, потребни се стручност и знаење за нештата да се постават на „вистинското место“.

Од друга страна, препознавањето според глобалната програмска концепција ги нагласува предностите во конкурентското опкружување, но најнапред сериозноста и делотворноста, особено на планот на маркетиншката-комерцијалната поддршка од страна на деловните партнери.

Радио со прецизно дефинирана доминантна програмска концепција е респектабилно и од аспект на професионалноста и долгорочното функционирање; довербата, пак, од страна на слушателскиот аудиториум голема.

Што ја определува глобалната концепција на радиото на современата модерност?

Појдовната позиција од која се тргнува за да се разграничат нештата, да се дојде до што е можно попрецизна рамка за дефинирање на глобалната програмска определба (концепција), е обезбедувањето на материјално-финансиски, техничко-технолошки, кадровски и просторни услови за реализација на идејата, односно проектот радио на современата модерност. Во зависност од тоа на кое рамниште се тие, се подготвува основната програмска замисла, па и типот на радиото. Со други зборови, степенот на развиеност (застапеност) на средствата за работа, стручноста и профилацијата на кадровскиот потенцијал, како и материјално-финансиските и просторни услови ја димензионираат глобалната програмска определба.

На пример, забавно-рекреативните и музичките радија можат да се реализираат во помал обем и со поедноставна програмска структура (бидејќи ангажираат помали материјално-финансиски средства, помал број на аудио-апарати, профилот на кадрите е музички односно „забавувачки“-водители, ди-џеи и шоумени, а доволна е просторија од 20-30 м2. Другите содржини-информативни и едукативни се затапени во „редуцирана“ форма, па нема потреба од поголем обем и квалитет на средства за производство и „работна рака“; отколку едукативните, семејните идр. кои бараат поинакви предуслови: извори на информации и едукативен материјал, нивна обработка и пласман, различни профили на кадри (кај семејното и сервисното радио и ангажирање на надворешни соработници-стручни лица). Работата во тимови и редакции, како и подготовката на радискиот материјал (монтажа) бара и поголем простор (најмалку 50-60 м2, за режиско и монтажно студио, редакциска канцеларија, за складирање и чување на фонотечен и библиотечен-хеморотечен материјал и сл.).

Глобалната програмска определба (концепција) најнапред се дефинира на општо, а потоа на сегментарно програмско ниво. Конкретизацијата се изразува во рамките на програмската шема, и тоа со утврдени термини и времетраење. Притоа, доминантноста е јасно и прецизно дефинирана, постојана-неменлива, а другите „составни елементи“, што мора да ги има секој тип на радио, се поставуваат во основните назнаки и евентуалната алтернативност.

За доследност во спроведувањето на програмско-уредувачката политика е потребно нивната застапеност да се изрази и во проценти (многу поважно отколку процентуалниот сооднос меѓу говорот и музиката). Од тоа зависат не само програмските содржини, начинот на нивната реализација, изразот, стилот, радио-дизајнот, воопшто имиџот на радиото, туку и развојната стратегија и тактика, па и самата егзистенција на радиото во плурален радиодифузен простор.

Општото програмско дефинирање на глобалната определба (концепција) може да се изнесе со акцентирање само на доминантноста, но и со поставување на редослед на „составните елементи“ (што за слушателот-рецепиентот е појасно и попрактично, а особено кога станува збор за приватните-независните-комерцијалните радија односно трговските радиодифузни друштва поради маркетиншка и деловно-техничка соработка со коминтентите).

На сегментарно програмско ниво глобалната определба се дефинира по програми, емиси и рубрики. Со тоа се постигнува различност-разновидност и оригиналност во нивното осмислување и реализација од една, а од друга страна се афирмира авторството, идејноста, инвентивноста, творечката индивидуалност.

Таа се потврдува особено на планот на алтернативноста која исто така претставува програмско богатство. На пример, информативните сегменти обично имаат иста концепција, па авторството односно творечкиот индивидуалитет се афирмира со пристапот, стилот или вокалните карактеристики (особено интерпретативните).

Глобалната определба (концепција) на Евергрин Гром радио ја дефинирав уште на почетокот на оваа студија, па само ќе потсетам дека станува збор за: едукативно-забавно, информативно-контактно, семејно радио (бизнис радиокако поконкретна назнака на независноста-комерцијалноста, со богата и разновидна маркетиншка програма-афирмација на креативниот маркетинг). Значи, тоа е радио доминантно едукативнозабавно. Според редоследот, во помал обем се застапени информативно-контактните и семејните „елементи“.

Конкретно: едукативно-забавните содржини во дневната програма се застапени со околу 6 часа, проследени со соодветен третман на музиката од сите жанри (понеделник-петок), а во сабота и недела забавно-едукативни содржини во ист обем ; информативноконтактните се реализираат во рамките на околу 4 програмски часа; забавномузичките во околу 3 часа ; за семејните се отстапени околу 2 часа; музичката програма има програмски простор од околу 7 часа; а бизнис програмата (комерцијални емисии и рубрики) околу 2 часа. (Не е можно да се определат часовите за одделните програми со оглед на програмската темпоралност и дневни програмски случувања, а детерминирачки фактор се и самите содржини во нивни рамки).

Изразени во проценти, тие даваат уште попрецизна глобална концепција:

-25% едукативно-забавна

-17% информативно-контактна

-12% забавно-музичка

-8,5% семејна

-29% музичка и

-8,5% бизнис програма.

Во рамките на неделната програма наведените соодноси би можеле да се изразат на следниов начин:

едукативно-забавна-информативно-контактна програма (со оглед на разликите во нијансите, особено на планот на реализацијата) во вкупно 70 часа (42%)

забавно-музичка програма (заедно со Музичка антологија) 69 часа (41%)

семејна и бизнис програма 28 часа (17%).