2. 3. 6. Комуникативност

Во однос на комуникативноста на радиото (акивното и пасивното слушање се најнепосредно поврзани со неа), треба постојано да се има предвид позитивната и негативната мотивација: мотивот како почеток на комуникацискиот процес, а целта на крајот. Во тој контекст предност им се даваат на социјалните мотиви (мотивот на општественоста, мотивот на самопотврдување, мотивот на сигурноста и сл.), и тоа како фактор на социјалната рамнотежа на човекот. Особено на акцијата како последна фаза на мотивациониот циклус.

Кога се инсистира на комуникативноста на  радио-програмата, комуникаторот (-радио водителот/медијаторот) треба да биде подготвен за таа мошне сложена улога: да ги познава  особеностите-карактерните црти на личностите на кои им се обраќа, нивното различно влијание врз комуникациската способност. Тоа значи дека најнапред треба да има доволни познавања од областа на психологијата. Особено се полезни типологиите на Јунг, кој сите луѓе ги групира со оглед на нивниот однос спрема околината во две основни групи: интровертни и екстровертни, потоа на Кречмер, кој луѓето ги дели на шизотимни и циклотимни типови, поврзувајќи ги психичките особености и телесната структура на личноста, а вниманието на комуникаторот треба да биде насочено кон циклотимните- отворените личности, ведрите, наклонетите кон хуморот, срдечните, друштвените, практичните, кои имаат позитивна мотивација за комуникација; како и на типологијата на американскиот психолог Шелдон: ендоморфни, мезоморфни и ектоморфни (вниманието свртено кон ендоморфните и мезоморфните кои се почесто позитивно мотивирани за комуникација со други луѓе).

Ова од причина што комуникацијата на програмата треба да цели да биде продуктивна, творечка, со што ќе стане и извор на информации и нивни приемач.

Имено, чувствувајќи ја потребата своите сознанија да им ги пренесе на други, човекот-рецепиентот станува извор на информации. Што, пак, од друга страна мотивацијата за комуникација ја прави уште повеќе позитивна. Творечкото-креативното и комуникацијата се во реципрочен однос. Со други зборови, комуникацијата дејствува врз развојот на творештвото, а резултатите на творештвото дејствуваат како поттик за воспоставување и развој на комуникацијата помеѓу луѓето.

Во нашите радио-простори тн. отворено-контактни програми, емисии и рубрики не постигнаа особени резултати, Нивната „популарност“ траеше мошне кратко, од проста причина што од развиениот медиумски свет тие беа преземени како „мода“, без да се прави потемелен напор во однос на нивното осознавање како феномен на современото-модерното радио и во однос на нивното осмислување и реализација.