3. Однос спрема тн. „мал човек“ и неговите секојдневни проблеми

Категоријата „мал човек“ иницира промислување во правец на нејзино дефинирање- определување, и тоа во корелација со „спротивната“. Проблематизирањето на „малиот човек“ најнапред ја отвора дилемата дали е воопшто можно тој да се разграничи од друга или други категории и нема ли таквиот обид да претставува симплификација на „нештата“; односно, до каков резултат ќе се дојде притоа, а тој да биде во функција на радиото што се слуша. Прашањето може да се постави вака:

Дали евентуалниот социолошки или психолошки третман на „малиот човек“ ќе резултира со натамошна надградба на слушаноста на радиото?

„Малиот човек“ обично го изедначуваме со синонимите „прост“, „простосрдечен“, „едноставен“, „просечен“ (-слушател). И веднаш запаѓаме во стапица од која тешко можеме да се ослободиме. Тоа е веќе упростување и не нè води кон негово прецизно дефинирање. Особено кога воспоставуваме однос спрема неговите секојдневни проблеми.

Да одиме по ред:

„Простиот“ човек го разбира и го прифаќа животот во својата даденост, а неговите повисоки сфери едноставно не се обидува ниту да ги открие, ниту да ги прифати; неговото резонирање најмногу се потпира на факти, на искуство, опитност. Неговиот активитет се сведува на егзистенцијалниот статус, а психолошки е повеќе интровертен отколку екстровертен тип. „Простосрдечниот“ ги има искреноста и верувањето како највисоки дострели-квалитети на карактерот и однесувањето-искреност и верување што често се граничат со наивноста; спрема „задачите на животот“, точка во која „индивидуалната психологија се допира со социологијата“1), се однесува повеќе рамнодушно отколку ангажирано. А неговиот вредносен систем е условен пред сè од ритамот и квалитетот на животот што се обидува да ги промени, да ги прилагоди на себеси само до степен на сопствено препознавање во него.

„Едноставниот“ е лесно разбирлив и прифатлив за средината (луѓето со кои комуницира), а со својот однос спрема секојдневните проблеми најчесто не успева да допре до нивната сушност (-запира на нивото на чувствување. Зборувајќи за карактеристиките на психолошките основни функции во екстравертниот став, за чувствувањето Јунг забележува дека тоа „се ориентира спрема објективно даденото .т.е објектот е неминовна детерминанта на видот на чувствувањето. Тоа се наоѓа во согласност со објективните вредности… И онаму кајшто привидно се покажува како независно од квалитетот на конкретниот објект, тоа сепак стои во власта на традиционалните или инаку општоважечки вредности”2).

„Просечниот“ не отстапува од сопствените стандарди, ниту се обидува да ги менува. Не се издвојува од средината односно тешко се препознава; секогаш настојува да го живее животот, да воспостави равенство помеѓу навиките и потребите; ги менува сопствените критериуми според околностите и најчесто живее во сегашноста.

Се разбира, ваквата социо-психолошка вивисекција во најголем дел е погрешна и не овозможува потемелно откривање на „малиот човек“. Од друга страна, таа воопшто не кореспондира со психолошкото типологизирање на личноста и е маргинална, а уште помалку придонесува за разбирањето на секојдневните проблеми. Станува збор за „општо“ разбирање кое ја негира дури и синонимноста на наведените поими.

„Малиот човек“ би требало да претставува спротивност на „големиот“. Меѓутоа, проблемот уште повеќе се усложнува бидејќи бара дефинирање на „големината“ на „големиот“. Всушност, кој би бил тогаш „големиот“ човек? И воопшто, можна ли е поделбата на луѓето на „мали“ и „големи“?

Дефинирањето на „малиот човек“ би можело да се прифати како обид за „адресирање“ на секојдневните проблеми и неприфаќање или градење на поинаков однос спрема несекојдневните. Притоа, во контекст на слушањето на радиото на современата модерност него најчесто го изедначуваме со „масовниот“ слушател, со масовната публика.

(А Хаусер во цит. дело3) за масовната публика и за „човекот на масата“ го вели следното: „Масовната публика не претставува интеграција, туку атомизација на група приемачи. Таа се состои од самите, меѓусебно одделени поединци, без вистинско духовно заедништво и без значајни заеднички доживувања… Единствена карактеристика на масовната уметничка публика е измешаност на општествените субјекти и губење на нивниот индивидуален карактер, кој не е надоместен со свеста за заедништвото…Појавата на човекот на масата како носител на културата не е последица на масовност на жителството, туку на замрсениот процес кој во најдобар случај е само поттикнат од порастот на општеството“.)

А во однос на слушањето на радиото, јас опстојувам на ставот дека тоа е секогаш индивидуално. Дали тоа значи дека ја негирам егзистенцијата на „малиот човек“? Не, од проста причина оти неговото постоење е токму во корелација со индивидуалноста на личноста, со афирмација на нејзините индивидуални вредности. Нејзините секојдневни проблеми се иманентни на програмата на современото-модерното радио, и тоа во секој негов сегмент.

Човекот-слушателот е „мал“ или „голем“ во зависност од свеста за сопствената индивидуалност. Колку е тој посвесен за сопствените вредности, толку е поподговен да се соочи не со секојдневните, туку со несекојдневните проблеми. Значи, не станува збор за „мал“ или „голем“ човек (-слушател), туку за способен-подготвен да се соочи со несекојдневните, нестандардните проблеми; едноставно затоа што секодјневните-стандардните не се или не би требало да бидат проблем-има решение за нив или постојат алтернативи за нивно решавање. Проблемот се сведува на свеста за нивната „тежина“, за изворот и последиците, и личниот ангажман-активитет, како самостоен или како дел од „колективниот“. Во една таква „улога“ може да се постави и некој сегмент на современото-модерното радио (на пример, информативно-политичка дебатна-контактна емисија), при што проблемот се актуелизира, слушателот се поттикнува на размисла и барање можности-исходишта за негово решавање. Дури се прави и „договор“ за конкретна акција.

Меѓутоа, тоа повторно би значело (-значи) поставување на равенство помеѓу „малиот“ и „големиот“ слушател, со оглед на подеднаквата „шанса“ за учество, искажување на сопствен став и нудење решение. Од друга страна, поставувањето на несекојдневни-нестандардни теми, проблеми и дилеми е составен дел на предзивикот за слушање на радиото воопшто (внимателен избор на тема со оглед на нејзиното значење, актуелност и комплексност), па според тоа е и темелна вредност на активизмот на радиото на современата модерност.

Со изнесената аргументација за и против изделувањето на тн. „мал човек“ се потврдува и заложбата за тн. елитно радио како врвно професионално, севидно и сезнајно (севидност: од севидлив-кој може да види сè; севидливо око); „радио око“ кое е способно-оспособено да види сè, сè што го богати неговиот светоглед односно го богати светогледот на радио- слушателот; во посебно поглавје за радиовизијата; сезнајност-кој знае сè; никој не е сезнаен; радио што знае сè или дознава со „помош“ на други-извори на информации), со несомнен придонес во сеопштата култивизација и квалитетна надградба на животот, не како интерес на „повисоки кругови“.

Инаку, категоријата „мал човек“ сè повеќе се нагласува со продлабочувањето на класните разлики, па го среќаваме во средната и ниската класа. Неговите секојдневни проблеми се сведуваат на животната егзистенција, социјалниот статус, прашањето на личниот идентитет и интегритет итн. Од тој аспект и се оправдува односот на современото- модерното радио спрема неговите секојдневни проблеми.

_____________
1) Alfred Adler: „Smisao života“, Matica srpska, Novi Sad, 1989
2) K. G. Jung: „Psihološki tipovi“, Matica srpska, Novi Sad, 1977
3) A. Hauser: „Sociologija umjetnosti“, Školska knjiga, Zagreb, 1986