4. Однос спрема општествените проблеми

Општествените проблеми и процеси имаат поширока, поуниверзална димензија од секојдневните, па односот спрема нив е или треба да биде многу покомплексен, што значи поангажиран. Просторно-временските детерминанти условуваат особен пристап, начин и стил на нивно изразување, а во корелација со општоопштествените аналитичноста секогаш претпоставува и компарирање со други.

Радиото на современата модерност односот спрема општествените проблеми и процеси мора да го гради секогаш имајќи ги предвид „факторите на уверливоста на радио-пораката“ (според М. Миленковиќ во цит. дело): релевантноста на темата, компетентноста на изворот, автентичноста на исказот или сведочењето, заснованоста на тезата и аргументацијата, и особено субјективните и објективните елементи на ангажираното јавно информирање.

Општествените проблеми и процеси произлегуваат непосредно од општествената репродукција и општествената свест. И тоа во нивното основно, поимно значење. Тоа значи дека најнапред е претпоставен континуитетот на обновувањето на општеството, продолжението на неговиот живот. Во тој однос предимство има проширената општествена репродукција во чии рамки производството се одвива во поголем, проширен обем. Притоа, посебно значење и улога радиото добива во тн. крупни пореметувања од кој било вид, а кои го менуваат ритамот на животот или значат негова пресвртница, насочување во друг правец, „префрлување“ на друго квалитетно ниво.

Општествената свест, пак, како севкупност на субјективните и колективните мислења, на социјално-политичките и идеолошките сфаќања, како и на општокултурните начела на одредено општество, радиото на современата модерност постојано ја поттикнува, ја богати и облагородува со својот програмски активитет. Индивидуалните свести ја градат колективната, пред сè како социјална димензија (Диркам), а се имаат на ум јазикот, верувањето, заемното дејствување и комуникација, елементите на материјалната култура. Не треба да се пренебрегнат и општествените структури-односите и врските помеѓу економските, политичките, организационите, идеолошките, културните и другите елементи на општеството.

Односот спрема општествените проблеми и процеси на радиото му наметнува улога не само на „посредник“ и „дежурен глас“, туку и улога на иницијатор односно нивни придвижувач. Од една страна, со целосната мобилизација на слушателовиот активитет и аналитичкиот новинарски пристап тоа овозможува соочување со нивната конкретна содржина, а од друга ја надградува општествената свест со вредностите на индивидуалните. Меѓу другото, нивната комплексност го афирмира и континуитетот на слушањето на современото-модерното радио. Сопствената динамика ја прилагодува на „случувањето“, им ја пренесува на слушателите, но и инсистира на прифаќање на динамизмот на самиот живот во рамките на колективот.

Станува збор пред сè за критичен однос спрема општествената стварност и спрема сè она што ја менува и ги утврдува, афирмира нејзините вредности. Во новинарската практика, а особено во програмско-уредувачката политика се прави основна грешка кога се настојува селективноста да се остварува преку форсирање на одредена област и маргинализација на други. На програмски план тоа најилустративно се искажува во дневните информативни емисии, во кои, робувајќи на утврдени стереотипи или по инерција, новинарите, а особено нивните уредувачи го прават редоследот на содржините: најнапред политички, економско-социјални теми, прашања и проблеми, потоа општествена хроника, па култура, спорт и на крајот временската прогноза. Таквото редење може да го промени само „исклучителниот“ настан, на пример некој врвен спортски резултат или некој радикален настан што суштински го пореметува вообичаениот животен ритам (катастрофа, елементарна непогода од пошироки размери, „вонсериско“ случување). На тој начин се губат творечката креативност и инвентивност, а секој обид за надградба обично завршува во радио-дизајнирањето.

Радиото на современата модерност во својата програмска шема ги застапува подеднакво, и просторно и временски, сите релевантни фактори и елементи на општествената репродукција и општествената свест, без оглед на глобалната определба, на неговата дефинираност; притоа, користејќи ги сите новинарски жанри и можности на радискиот израз, со акцент на тн. аналитичко новинарство.

Односот на радиото спрема општествените проблеми и процеси иницира и едно друго прашање, а кое мошне компетентно го елаборираат Џон Мерил и Џ. К. Хвистендал во своите есеи за етиката и новинарството и за одговорноста за „себе-генерирачките“ вести. Ги користам нивните ставови за да ги акцентирам смислата и значењето на односот спрема суштинските прашања, теми и проблеми на општествената стварност, како и улогата на индивидуалната свест како дел од колективната-општествената.

„Етиката е поврзана со должноста-должноста кон себе и должноста кон другите“, вели Мерил, нагласувајќи ја нејзината индивидуалност: „Постапуваме добро или лошо во оној дел од нашиот живот што се живее внатрешно или интровертно, но исто така и во оној дел од животот каде што одговараме и реагираме на други луѓе…Новинарот, на пример, не пишува само за потребите на другите; она што го пишува е себеизразување, а во тоа новинарство тој се вложува себеси и своето битие. Она што го комуницира е она што тој самиот е.

(…)

Новинарот кој води сметка за етиката-за квалитетот на своите постапки-е секако новинар што сака да биде чесен. Овој став одново нè враќа на прашањето: што е морална или етичка личност? Природата на чесноста всушност не е така релативна или нејасна ако ги имаме предвид големите мислители на историјата. Постои прилична согласност за нејзиното значење кај филозофите, иако чесноста се сфаќа во услови на прилична семантичка врева. Чесниот новинар е оној што ги почитува и се обидува да живее според главните вредности за кои зборува Платон во своето дело „Република“. На прво место е мудроста што го насочува моралниот живот и претставува рационална, интелектуална основа за кој било етички систем…На второ место е храброста што го тера човекот постојано да ја следи својата цел. Онаа цел што мудроста му помогнала да си ја постави…Третата вредност е трезвеноста, вредност што бара разумна умереност или спој на доминација на разумот со другите тенденции на човековата природа. Токму оваа вредност дава хармонија и пропорција на моралниот живот што помага да се избегне фанатизмот во проследувањето на која било цел. И последната вредност е праведноста, што за разлика од другите главни вредности поспецифично е поврзана со општествените односи на човекот. Праведноста значи водење сметка за човековата заслужност.

Знак на чесност во новинарството може да биде длабоката приврзаност кон вистината. Самата потрага по вистината од новинарот бара мудрост, храброст, трезвеност и праведност“.

Анализирајќи најразлични теории за моралот кои „нудат широка разновидност на променливи стандарди за одредување чесни дела“, Џон Мерил го потенцира следното:

„Многу малку е напишано за новинарската етика вон оние повторливи фрази како „закони и верувања“ кои во голема мера се само рамки и украси за на ѕид. Можеби една од причините за ова е што повеќето издавачи, уредници, директори на весници и други новинари едноставно го опишуваат целиот предмет на етиката како „релативен“, придавајќи малку или никаква важност на апсолутните или универзалните новинарски принципи.

… Исказот „ова беше правилна новинарска одлука“ не значи ништо повеќе од „ми се допадна оваа одлука“-токму како што тој некој би можел да рече „Ми се допадна погледот на океанот“. Еден облик на релативизмот во етиката тврди дека новинарската постапка во контекстот А може да биде сосема добра, етичка, додека примената во контекстот Б може да биде лоша или неетичка.

… Во денешно време на субјективистот му е наметната доминантна морална положба-барем од гледната точка што е дел од мнозинството. А за многумина денес ако мнозинството верува дека нешто е етички, тогаш тоа е етички. Ова е време на субјективистите-релативистите и ситуационистите. Ова е време кога се смета за неразумно да се донесува суд за вредноста, да се заземе став, да се има чувство на „должност“ или посветеност. Ова е време на личност која верува дека нечие мислење е исто толку добро колку некое друго и дека моралните стандарди на еден човек се исто толку добри колку и на некој друг. Ова е време на начинот на мислење „ние-сме-веројатно-обајцата-во-право“, време на толеантните луѓе-„адаптираните“ кои што не чувствуваат порив да зборуваат гласно и јасно за моралните стандарди.

Иако релативистичкиот став навистина интригира со својата аура на индивидуализам, морам да го отфрлам. Всушност, ризикувајќи да донесувам суд за вредноста, ќе речам дека дури воопшто не е етички став, туку е „не-етика“ или „анти-етика“. Кога проблемот на етиката се разводнува на субјективизам, на ситуации или контексти, губи секакво значење како етика. Ако секој случај е различен, ако секоја ситуација бара различен стандард, ако не постојат апсолути во етиката, тогаш треба да го отфрлиме сиот предмет на моралната филозофија и едноставно да се задоволиме секој да си го води својот живот според своите интереси или „согледувања“ што можат да варираат од ситуација во ситуација“.

Џ. К. Хвистендал прави разлика помеѓу микро и макро-етиката како верување и како ситуација во рамки на едно повисоко ниво на новинарската етика:

„Главното верување на микро-етиката е дека на крајот човештвото ќе има корист зашто вистината ќе се кажува без страв или пристрасност: виновните ќе бидат казнети, откриени или барем идентификувани, а невините ќе имаат полза. Целосното откривање на вестите е етички зашто во најдобар интерес на читателите и слушателите е да знаат што се случува.

Но каква е етичката ситуација кога НЕСАКАНИТЕ ефекти на една новинарска статија далеку ги надминуваат добрите ефекти на она што треба да се знае? Што ако она што читателот го дознава малку или воопшто не му користи, додека „себе-генерирачкиот“ ефект предизвикува насилнички и деструктивни постапки кои предизвикуваат светот на читателот или слушателот да стане предвидливо полош отколку подобар?

Токму на ова место оние што ја застапуваат макро-етиката се издвојуваат од оние кои ја застапуваат микро-етиката. Макро-етичарите ги следат основните принципи на телеолошките филозофи, кои тврдат дека за постапката се суди дали е етичка или неетичка според нејзините последици. Ако последиците на една постапка се повеќе негативни отколку позитивни за човештвото како целина, постапката се смета за неетичка.

Микро-етичарот верува дека последиците од она што го пишува се надвор од неговата одговорност. Верува дека, снабдувајќи ги читателите и слушателите со податоци што ги интересираат, забавуваат или информират, тој е и етичен и професионален.

Оние кои заземаат микро-етички став веруваат дека масовната дистрибуција на вестите до илјадници, па и милиони луѓе, бара нова журналистичка етика. Новинарот, ако сака да тврди дека е професионален, мора повеќе да ја презема одговорноста за несаканите ефекти од неговите написи.

Независно дали се води според макро или микро-етиката, ниту еден новинар не може да се смета одговорен за различните ирационални ефекти што можат да произлезат дури и од рутинска новинска статија.

Но кога гледа дека објавувањето на некоја статија ќе биде само од споредна важност за многу читатели, а може да се предвиди дека последиците од објавувањето ќе бидат лоши, макро-етичарот верува дека неговата етичка должност е да ја одложи или барем да изостави делови од статијата. Микро-етичарот донекаде со право ќе тврди дека тој е професионален и му служи на демократското општество без да определува што е во интерес на општеството. Во вистинска демократија ниту еден поединец или група, вклучувајќи ги репортерите и уредниците, нема право да диктира што е во најдобар интерес за другите. Професионален новинар е оној кој ги предава вестите непосредно, без нешто да крие или да покажува став.

Тој ќе тврди дека „последиците“ се доволно двосмислени и незгодни, па како такви сосема несоодветни како проверка за правилноста или неправилноста-тоа може да го одреди само читателот или слушателот. Освен тоа, од новинарот се бара не само однапред да предвиди какви последици можат да произлезат од она што го пишува, туку е принуден и да донесе морален суд дали последиците ќе бидат добри или лоши.

Микро-етичарот тврди дека неговата работа е да држи огледало пред општеството и да го одразува она што е таму. Макро-етичарот се согласува, но истакнува дека огледалото се подига селективно. Само мал дел од светските настани се печатени или емитувани. Штом ќе се појави огледалото, постои можност природата на настаните да биде изменета, особено за милионите кои го добиваат одразот од растојание и од втора рака. Огледалото станало дел од настанот што го согледуваат читателите.

Пристапот на макро-етиката е дека комуникациските медиуми се функционален дел на општественото уредување. Функцијата на медиумите не е само да го одразуваат како во огледало останатото општество, туку активно да учествуваат во него, генерирајќи вести и известувајќи за нив. Макро-пристапот е повеќе сконцентриран врз согледувањето на потребите на луѓето, а не врз настаните во кои луѓето свесно или несвесно се вклучени.

Целосното прифаќање на макро-етиката би значело појава на нов вид печат во Америка; помалку крутост, повеќе желба да се прифати одговорноста за ефектите, подобра рамнотежа помеѓу убавите и лошите нешта во животот, помалку известувања за она што било официјално кажано, а повеќе за ефектите на политичките институции врз луѓето, понагласени вести од народот, помалку хистерија за хистеричните постапки на другите, помалку истакнување на новоста, а повеќе на важноста.

Сепак, најголемата привлечност на макро-пристапот одговорноста за предвидливите ефекти би можела да биде неговата најголема слабост. Тука се поставува прашањето до која мера и кому му е одговорен печатот?… Во кој било пристап, ако е доследен на идејата за отворено, плуралистичко општество, мора да има одговорност пред поединецот, а не пред интересните групи или владата.

Може да има помалку причина да се плашиме од ефектите на себе-генерирачките вести отколку од филозофијата на вестите што укажува дека некои работи на луѓето не треба да им се кажуваат. Сепак, префинетиот печат, во настојувањето повеќе да ги согледува своите ефекти и повеќе да се грижи за читателите и слушателите, би можел да го застапува „поладнокрвниот“ макро-пристап без да си ја продава душата на ѓаволот. Можеби сме дошле до оној момент кога вреди барем да се обидеме“.

Наведените искази и ставови на Џ. Мерил и Џ. К. Хвистендал во голема мера кореспондираат и со начелата врз кои се засновува радиодифузна дејност, а од кои, во контекстот на нашава тема-за односот спрема општествени проблеми и процеси, за посуштествени ги сметам:

-вистинито и навремено информирање;

-отвореност за слободна конкуренција и информирање за различни политички идеи, културни и други тенденции и мислења;

-зачувување и негување на националниот идентитет, јазичната култура и домашното творештво;

-промовирање на толеранцијата и почитување и негување на културната различност;

-забрана на цензура во вршењето на радиодифузната дејност;

-заштита на приватноста и достоинството на личноста.