5. Јавен интерес

Претходните размисли и ставови за односот спрема општествените процеси и проблеми можат да претставуваат и вовед во промислувањето за јавниот интерес. Прашање што особено се актуелизира во периодот на транзицијата на општествата од Централна и Источна Европа-на посткомунистичките и постсоцијалистичките држави, а особено со демократизацијата во сите сфери на општественото живеење, следствено и во областа на медиумите. Поконкретно, може да се рече дека актуaлизацијата на категоријата јавен интерес станува круцијално прашање во демократските процеси со навлегувањето на приватниот капитал, односно со приватизацијата-комерцијализацијата на радиодифузниот простор.

Дилемите се многубројни, а конфронтирањето на различните мислења и применетите решенија во догледно време тешко ќе може да доведат до некоја „општа“ дефиниција, до некој заеднички „именител“. Во тоа не помага ниту искуството на развиените демократски земји, посебно во западниот свет, а со оглед на фактот што тоа искуство сугерира „поедноставување“ на нештата од една. Oд друга страна наметнува „практицирање“ кое содржи специфики што не можат едноставно да се пресликаат, а да не создадат нови проблеми.

Без претензии да дадам целосна, конечна, „вечна“ дефиниција на јавниот интерес (бидејќи таквата цел инсистира на пошироки елаборации и потемелни сознанија и искуства, па и поголема стручност и компетентност), ќе се обидам да понудам некои негови основни назнаки; потоа кус преглед на состојбите на тој план во некои европски земји, а на крајот и некои елементи за можна дефиниција.

Јавниот интерес во својата сушност содржи два главни, дури би рекол стожерни поима: јавност и јавно мислење. Од нив произлегуваат или кон нив се насочени сите други: одговорност, влијание, моќ, објективност, манипулација итн.

Јавноста најчесто се означува како активен однос спема општествениот живот. Меѓутоа, во овој контекст е поважно начелото на јавноста што претставува нормирање на дејноста и на одлуките на органите на власта, на општествената заедница во целина, кое ѝ е пристапно (транспарентно) на најшироката општествена заедница и е подложно на нејзина контрола. Инаку, јавноста има и своја историска категоријалност: различен опфат на општествени групи во одделните етапи на развојот на човековата цивилизација; од ограничување на одреден општествен слој, на слободниот човек, на граѓанинот итн., па се до граѓанското општество, кога таа се проширува на сите припадници на општеството. Правно-политичката теорија и практика јавноста ја третира како надворешна сфера на општествениот живот, при што ѝ ја дава улогата на носител на вредносни критериуми во однос на одлуките кои претставуваат интерес на сите припадници на општеството. На тој начин таа се детерминира од приватната, институционалната, партиската и други сфери.

Начелото на јавноста претставува нормативна основа што ги принудува органите на власта, општествено-политичката заедница и организациите сите одлуки да ги ставаат на увид на најшироката општествена заедница за да бидат во нејзина контрола. Тоа најдиректно се поврзува со степенот на демократизацијата на општеството, но и на интересот за развој на критичката свест на човекот, на неговата способност да ги антиципира и навреме да ги решава личните и заедничките проблеми. Од друга страна, увидот во сите одлуки особено на органите на власта, кои во радикални промени и трансформации стануваат пресудни, овозможува вреднување, селективност, прифаќање или одбивање, прилагодување и, конечно, определба. (На пример, за една или друга политичка опција-платформа во време на избори).

Со ширењето на јавноста и „збогатувањето“ на нејзината содржина сè повеќе до израз доаѓа влијанието на јавното мислење како општествена сила на одлучување за битни прашања. Станува збор за јавна презентација на мислења и ставови на одредена групација за некој конкретен настан или проблем од пошироко-општо значење, кои имаат влијание, од кои во голема мера зависи конкретната акција од сегашна и перспективна гледна точка. Притоа, групацијата чие мислење се бара/се испитува е однапред дефинирана според слични психо-социјални карактеристики на поединци, според некои заеднички морални идеолошки и политички критериуми на проценување, сличен општествен статус или според заедничките интереси; кои произлегуваат од нивото на животниот стандард односно од социјалните и економските состојби и можности. Значи, јавното мислење не е и не може да претставува обичен збир на индивидуални мислења, туку мислење што го изразуваат претставници на одредени групи.

Постојат различни начини на испитување, а најприфатлив и наедно најпопуларен е анкетата; избор на одреден број членови на групата според утврдени статистички методи и принципи, чие мислење потоа се анализира како репрезентативно, односно како мислење и на останатите членови.

Кога радиодифузните ресурси се дефинираат како јавно добро, се имаат предвид заедничкото располагање со нив, нивно користење за задоволување на заеднички интереси. Едновремено, јавно значи дека доброто им стои на располагање на сите. Од него сите имаат полза, а не само поединци или интересовни групи. Тие-поединците или интересовните групи можат да го употребуваат, да го користат, но притоа резултатот-добивката да не им биде во корист само ним, да го присвојуваат за себе, туку да претставува задничка општа придобивка.

Во најопшта смисла, јавното добро може да се користи, да се добие на користење, но не и да се присвојува. Во тој однос јавното мислење претставува оценка-вреднување на користењето на јавното добро, на обемот и квалитетот на искористувањето.

Она што е особено интересно за нас, како дел од земјите во транзиција, е фактот што радиодифузијата има јавен карактер, но во одреден обем, со низа ограничувања, се дозволува нејзина комерцијализација од страна на државата. Тоа се оправдува со јавниот интерес, а всушност станува збор за одбрана на државен (национален) интерес во името на политичката (а не јавната) одговорност. Нејзината целосната комерцијализација би значела преголем радикален рез кој не може да се направи (да се дозволи) во период на транзиција и прилагодување на нормите на демократијата. И додека во развиениот западен свет јавниот интерес во оваа сфера е одамна дефиниран и применлив во практиката, во земјите во транзиција (и кај нас) се оставени време и простор тоа допрва да се направи. Дотогаш со закон ова прашање само се поставува, се загатнува или, пак, се поставуваат некои општи одредби кои во зависност од практиката во иднина ќе бидат конкретизирани.

Така на пример, се поставуваат токму такви општи одредби на јавниот интерес со кои се обезбедува слобода на јавно изразување на мислата, слобода на говорот, јавниот настап и јавното информирање.

Од сè што изнесов како сознание и искуство-практика, може да се излечат некои општи заклучоци кои на посреден начин го дефинираат јавниот интерес:

-тој ги афирмира и ги брани темелните принципи на демократијата, на слободното изразување на различни мислења и ставови;

-го претпоставува точното, вистинито, навремено и објективно информирање на јавноста за сите настани, состојби и проблеми во државата и надвор од неа;

-ги почитува основните начела на политичкиот плурализам;

-го брани и негува националниот идентитет, јазичната култура и домашното творештво;

-промовира и афирмира толеранција и почитување на културна различност;

-го поттикнува развојот на културата, науката и образованието;

-ги брани и негува професионализмот, квалитетот и програмската разновидност.

Се разбира, можат да се преземат и низа други заложби , но притоа треба да се води сметка за статусот заштитата на јавниот интерес, суштината на радиодифузната дејност, како и спецификите на електронските масмедиуми.