6. Феноменот на контактноста

Контактноста на радиото на современата модерност кај нас, во Македонија, се „откри“ и почна да се практикува задоцнето, како и сè друго кога станува збор за масмедиумите. Всушност, нејзината реализација започна навреме, но раководните структури на тогаш единствениот радиодифузер-Македонската радио и телевизија ( тогаш РТС) „откривањето“ на контактноста си го припишаа како своја најголема заслуга, како спроведена реформа, како свој најголем успех во раководењето.

Станува збор за периодот од 1989. до 1993., а реализацијата на контактноста во македонското радио најрадикално и најуспешно навлезе уште во 1983-84 година,односно со стартот и развојот на забавно-рекреативната хумористично-сатирична програма „Радио урнебес“.

(За односот спрема оваа програма и нејзините постигања мошне илустративен е еден податок: во јубилејното издание, по повод 50-годишнината на МРТВ, за неа се говори само во два-три реда, и тоа без наведување на авторството, за разлика од многу маргинални радио-постигања во тој „заокружен“ период.)

Контактноста (притоа подразбирајќи ја и отвореноста) е најчесто поврзана со демократизацијата на општеството. Потребата од дијалог, размена на мислења, јавност, критичност-сè е тоа дел од процес кој зема замав, во кој почнуваат да се отвораат горливи прашања и проблеми од севкупното живеење, кога добива можност за гласност тн. обичен човек, кога станува важно неговото мислење. Со еден збор, кога слушателот почнува да се слуша.

Дека контактноста на радиото кај нас се прифати еклектички, без да се разработат сите негови специфики, во практиката дури и да се надградат, доволно говори фактот што таа многу брзо, само за две-три години го загуби здивот, се карикира, се вулгаризира; веќе може да се каже дека е исчезната, како одново да започна процесот на „затворање“ на радиото (1996-97). Се разбира, тоа требаше и треба да се случи затоа што неподготвеноста да се навлезе во суштината на контактноста, да се проучи, осознае и примени во сета негова комплексност предизвика сосема спротивен „ефект“: добивме неосмислени, неподготвени, од идеја до реализација дури инфантилни програми, емисии и рубрики; непрофесионалноста, па и несериозноста во пристапот и разбирањето на нештата просто го деградираа радиото како масмедиум, го урнаа неговиот вредносен систем. Во сето тоа помогна и вистинскиот хаос во нашиот радиодифузен простор што настана со „демократизацијата, јавноста и гласноста“, односно со приватизацијата без претходно дефинирање на правилата на игра (до донесувањето на Законот за радиодифузија и периодот по него-сè до неговата практична примена).

Нашите теоретски сознанија и личното искуство (повеќе реализирани програмски и уредувачки зафати на програмите на Македонскто радио-најмногу на Втората програма Радио Херц, период 1981-1997) , упатуваат на неколку основни елементи преку кои може да се навлезе во суштината на контактноста-на контактната програма и негово поставување на вистинското место:

1) отворена-„затворена“ програма;

2) контактна програма;

3) функционална поврзаност и разграничување.

Без претензии за детална и систематски фундирана теоретска елаборација, а имајќи предвид и неколку теоретско-аналитички трудови што се достапни во овој момент (објавени кај нас), ќе се обидам ова промислување да го конкретизирам.

Феноменот на контактноста се однесува пред сè на отворањето-демократизацијата на радиото. Овозможувајќи му на слушателот-рецепиентот директно да се чуе на програмата, без огради и ограничувања да го изрази своето мислење и да афирмира и брани сопствени ставови, тоа доби нова димензија, ја прошири односно ја збогати својата функција. Не само што стана поприсутно, поактивно, не само што ја зацврсти и прошири својата придружничка улога, туку создаде можности за многу побрз и подинамичен техничко-технолошки развој, осовременување и модернизација на програмата. Сето тоа најчесто се илустрира со развојот на забавно-рекреативните програмски сегменти (пред сè едноставноста која се прифати како леснотија, а што се сведува на неподготвеност и импровизација). Всушност, врвните резултати и кај нас и во светот беа постигнати и се постигнуваат во информативно-политичките (дебатните), едукативно-забавните и хумористично-сатиричните програми и емисии; најслаб развој-приемливост на контактноста има кај забавно-музичките и музичките, меѓу другото и поради фактот што таквите програми и емисии се прават/се рерализираат нестручно и некомпетентно; сеприсутноста, масовноста на музичките топ-листи е само последица на тоа-преку нив не се афирмира вредносен критериум, туку гласањето на слушателите овозможува и манипулација и лесно пополнување на времето (во нив најважно е диск-џокејството, доминантна е улогата на диџејот што е, пак, прифатено кај нас во пежоративен контекст).

Контактноста како феномен во ова поглавје ја обработувам како процес или случување, но и во поширока смисла-како исклучителна појава во нашиот радиодифузен простор; кој допрва ќе го доживее својот вистински развој-откако ќе се разберат и разјаснат нештата. Можеби најважното од сите е суштината на комуникацијата.

Имено, како мошне комплексна проблематика, комуникацијата треба да се разгледува од повеќе аспекти, имајќи предвид дека е веќе навлезена во многу области. Дури, може да се каже дека претставува еден од предусловите на современиот-модерниот живот. Доволно е само да потсетам на тн. психолошка и материјална комуникација, при што начините на комуницирање се предмет на психологијата, а формите и средствата стануваат интерес на социологијата. Нашево време, кое е време на масовна комуникација, втемели и развива посебна научна дисциплина: комуникологија.

Во суштина, комуникацијата претставува активно, непосредно или посредно заемно разбирање на лицата што комуницираат. Во однос на модерните средства за комуникација, тоа се дефинира како декодирање пораки или намери од страна на пасивни страни на комуникацијата. Тоа значи дека главната вредност на комуникацијата е нејзината амбивалентност. Двојната функција на радио-комуницирањето е пред сè во нејзината смисла и цел, а потоа и во нејзиниот резултат.

Јазикот, како најважно средство за комуницирање во рамките на програмите и емисиите на современото-модерното радио, со подеднаква валидност се конкретизира во писмена или посредна, и во говорна или непосредна форма. Во зависност од карактерот на програмата и нејзината содржина, ќе има поголема застапеност едната или другата. На пример, во контактните програми од забавно-рекреативен карактер предност ѝ се дава на непосредната односно директната комуникација.

Мошне интересни промислувања на тој план има Михаил Зарва во својот есеј „Карактеристичните црти на јазикот на радиото како вид на масовна комуникација“:

„Сите „говорни“ жанри на радиоемисиите се наоѓаат во коритото на еден вид масовна комуникација; во сите случаи на радиото важи ист контекст на ситуацијата, т.е. условите на остварувањето на авторот на говорот што влијаат врз изборот на јазичните средства, поради тоа дури и различните жанровски дела на радионовинарството не можат да не поседуваат нешто заедничко. (…)

Какви се, пак, природните својства карактеристични за радиото како одреден вид масовна комуникација? Најважните помеѓу нив се следните:

Прво, акустичноста-користењето на звукот како главно средство на изразот (изговорениот збор, музиката, шумовите) и како главно средство-зборот што звучи;

Второ, посебниот вид говорна комуникација-директно, макар и посредувано обраќање кон слушателот;

Трето, дистантноста на говорниот акт-значителната оддалеченост на оној што зборува од оној што слуша при непостоење на видливоста;

Четврто, синхроноста-примањето на говорот во моментот на неговата реализација;

Петто, секадеприсутниот и, како последица на тоа-масовност на аудиториумот, разновиден според социјалниот состав, возраста, полот, образованието и културата;

Шесто, камерноста на околностите во кои, по правило, се прима емисијата.

Сиве овие својства заедно ги оживотворуваат општите законитости во изборот на јазичните средства и создаваат своевиден стилско-јазичен систем што се нарекува ‘јазик на радиото’“.

Сосема накусо и објаснувањата на овие „природни својства“ на радиото:

„Акустичноста го претпоставува преовладувањето на усниот говор во радиото. Таа е негов драгоцен квалитет. Усниот говор е свртен кон слухот на човекот, т.е. кон еден од најсовршените системи на примањата.

Несомнено е дека главни извори на нашата информација за светот околу нас не служат само слушните впечатоци, туку и видливите слики. Тие заедно се надополнуваат и се богатат еден со друг. Меѓутоа, истражувањата на психолозите ни даваат можност да утврдиме мошне интересна законитост: опфатот на информацијата, добиена и предавана од страна на човекот со помош на слухот и на усниот говор, трипати ја надминува информацијата која тој ја добива и ја пренесува преку видлив пат-со читањето или преку писмото. Но, ова претпоставува неопходност од натамошно проучување на особините на усниот говор, бара да се обрнува поголемо внимание на таквите моменти, што едноставно не постојат во писмениот говор.

(…)

…Своевидноста на усниот говор се состои во тоа што, покрај информацијата која е смисловна, таа поседува уште значителна дополнителна информација, која се состои во индивидуалните особености на гласот, во интонациските нијанси на говорот, во нејзината гласност.

(…)

Очигледно е дека улогата на интонацијата во откривањето на автентичната смисла на искажувањето е огромна. Одовде доаѓа парадоксалното, според својата содржина, искажување на еден од американските истражувачи на говорот, Хофман: „Луѓето не ги трогнува толку содржината на зборовите, колку самиот звук на гласот“.

Очигледно, улогата на невербалната интонација ќе се менува во зависност од жанрот на емисијата, од нејзината содржина, од степенот на нејзиниот емоционален набој, најпосле од личноста на информаторот. Но, во секој случај таа ќе биде доволно суштествена. Патем, показателно е: истражувачите истакнуваат дека говорот на луѓето што не минале низ специјална подготовка, што не се занимаваат со уметничкиот збор, со гласовно тренирање,-не говорници, не спикери-се јавува како фин инструмент за изразување на состојбата и на другите посебности на оној што говори.

(…)

Една од принципиелните одлики на јазикот на радиото се состои во тоа што говорот кој звучи преку радиото, т.е. говорот што задолжително е украсен со интонација, што е „осветлен“ со односот на говорникот, носи во себе макар и во најмал степен знак на неговата индивидуалност.

(…)

Огромни се можностите на радиото во воспоставувањето на контактите со аудиториумот. Директно обрнување кон слушателот што го прима звучниот говор во моментот на неговото изговарање отвори нови хоризонти. Освен тоа, усниот говор е секогаш конкретно обратен, некому е наменет, кон некого е адресиран. А постојаната ориентација кон „соговорникот“-во дадената ситуација слушателот-не може да не наиде на одраз во изговорениот збор, во емисиите од различни жанри-во неговите различни сфери-лексичко-фразеолошки, граматички, интонациски.

(…)

Интонацијата, пак, а конкретно тембарот на гласот, најпосле гласот на оној што говори, што, како што е експериментално утврдено, се однесува кон „строго индивидуалните човечки својства“, не подлежат на канонизација. Како резултат на тоа, овде продолжува да дејствува „естетиката на спротивставувањето“, која ја попречува онаа активна шаблонизација на која е изложен јазикот во весникот, и со тоа таа располага со поголема разновидност на резервни средства на дејствувањето.

Можноста од воспоставување на сигурна врска со слушателот, на фиксацијата на неговото внимание, на влијанието врз него со помош на ритмомелодиката, на темпото, на тембарот, на логичките акценти, дозволува да се употребува стилско „мешање“ во јазикот на радиото, не толку доследно и сеопфатно како во јазикот на весникот и не толку активно да се стремиме кон излегување зад границите на нормата на литературниот јазик. На оваа смисла на јазикот на радиото не му се туѓи општите процеси што се случуваат во литературниот јазик на дадениот степен од развојот, особено на процесот на меѓусебното влијание и проткајување на стиловите и, природно, тој исто така вклучува и мешање на книжевни и говорни елементи, не чувствува потреба од онаа оптимална „разновидност на стилски потенцијали“ што станале норма за современиот јазик на весникот.

(…)

Дистантноста на говорниот акт при отсуство на видливост раѓа потреба од барање посебни средства на илустративност, нагледност, бидејќи во условите на радиоемитувањето е невозможно да се покаже придружниот материјал. Овие средства мораат да се бараат од ресурсите што ги поседува звучната природа на радиото. Меѓу нив се документарните снимки, шумовите, музиката и, се разбира, предметните и ликовните својства на зборот што звучи.

(…)

Усноста на говорот и синхроноста на неговото примање обусловуваат обврска кон економичност на средствата на изразот поради постоењето психолошка бариера кај човекот-прагот на вниманието. Општата теорија на комуникацијата, одредена од теоремата на Шенон, гласи: „Времето што се бара за емитување на вест по која и да е линија на врска, под услов дека емитувањето се врши на најрационален начин, е директно пропорционално на количеството на предадената информација. Со други зборови, колку е поголемо количеството на информациите, толку повеќе време е потребно за нивното пренесување. Поради тоа, во радионовинарството е неопходно да се ограничува опсегот на потокот говорна информација насочен кон слушателот (во спротивно, може да дојде до замор, при што интензивноста на примањето реско опаѓа, а може да се сведе и на нула) и во исто време максимално да се полни со содржина“1).

Цитирав поголем дел од есејот на Михаил Зарва затоа што во него на компетентен начин, мошне авторитетно и аргументирано се говори за јазикот на радиото (приведените делови), а едновремено го поставува и значењето на говорниот стил на современото-модерното радио.

Стилот воопшто е препознавање и потврда на индивидуалноста; во работата, во играта, во животот. Тој е толку разнороден и детерминиран од низа објективни и субјективни фактори, што тешко може да се дефинира прецизно. Оттука и многубројните обиди за негово дефинирање од учени во сите области.

Лингвистиката и стилистиката (која научно се занимава со стилот) не успеваат, ниту прават обид да понудат единствена и релевантна дефиниција на стилот. Сепак, некои од нив се прифатени како негови темелни значења.

За првпат две доследно формулирани значења се среќаваат кај Платон и Аристотел; за Платон стилот е специфична особеност, квалитет што го има едно дело во однос на друго, а за Аристотел тој е генерички поим што означува различни специфики на делото, па го има секое дело. Поконкретна согледба на комплексноста на стилот ни нудат класификациите според различни критериуми: времето и местото на настанувањето, авторот, јазикот, публиката, родот итн. Одбегнувајќи го „историцизмот“, ќе се задржам повеќе на теоријата на стилот.

Во обработката на обликот на веста, теоријата на стилот го потенцира изборот, свесниот избор на одредени јазички средства и отфрлување на други; избор помеѓу средствата што јазикот му ги става на располагање на говорникот. Дефиниција на А. Хил: „Вкупноста на стилот е можно да се дефинира како сите избори на еквивалентни елементи кои јазикот му ги става на располагање на говорникот во секоја говорна ситуација“; формулација на М. Рифатер: „Јазикот изрекува, а стилот истакнува“; на Ч. Хокет: „Два исказа на ист јазик кои пренесуваат приближно иста информација, но кои се разликуваат според јазичната структура, може да се каже дека се разликуваат според стилот“; објаснение на Х. А. Глисон: „Обично постојат повеќе начини на кои реченицата, зависната реченица, фразата, па и одделниот збор можат да го пренесат потребното значење, а притоа да останат граматички правилни. Значи, на авторот во секој миг му стојат на располагање различни можности. Тој мора да избира, а изборот е еден од елементите на стилот“; Џ. След вели: „Стилот за нас ќе биде начин како е речено она што е речено. Од тоа произлегува дека стилот е можен само затоа што постојат повеќе од еден начин нешто да се искаже“; слично вели и Ш. Брино: „Не може да стане збор за стил, ако говорникот или писателот нема можност да избира помеѓу алтернативни облици. Синонимијата во најширока смисла лежи во коренот на целиот проблем на стилот“.

Како значајни дефиниции се посочуваат и оние кои за стилот говорат како отстапување од некоја објективно утврдена (утврдлива) јазична норма, но со забелешка дека секое отстапување не го прави стилот. За една од најраширените теории се смета онаа што стилот го дефинира како израз на индивидуалноста на говорникот (изрека на Платон: „Каков карактер, таков стил“, на Сенека: „Говорот е физиономоја на душата“ и на Бифон: „Стилот е самиот човек“2).

Освен наведените општи назнаки за стилот, ќе го приведам и мислењето на еминентниот лингвист Фердинанд Де Сосир:

„Со тоа што на науката за јазикот ѝ го признавме местото што ѝ припаѓа во групата на науките за говорот, ние во исто време ја ситуиравме и целата лингвистика. Сите други елементи на говорот што го чинат живиот збор сами од себе ѝ се подредуваат на таа прва наука и, благодарение на тоа подредување, сите делови на лингвистиката го добиваат своето природно место.

На пример, да го посматраме производството на звуковите потребни за живиот збор: гласовните органи се исто така надвор од јазикот како што се електричните апарати кои служат за транскрибирање на Морзеовата азбука туѓи на таа азбука, а фонацијата, т.е. изведувањето на акустичните слики во ништо не влијае врз самиот систем. Од тој аспект јазикот може да се спореди со една симфонија, чија стварност е независна од начинот како таа се изведува; и грешките кои музичарите изведувачи би можеле да ги направат воопшто не ја ставаат во прашање таа стварност.

(…)

Значи, проучувањето на говорот има два дела: едниот, суштинскиот, за предмет го има јазикот, кој е општествен според суштината и независен од индивидуата; тоа проучување е исклучиво психичко; второто проучување, од секундарно значење, го има за предмет индивидуалниот дел од говорот, т.е. живиот збор, вклучувајќи ја тука и фонацијата: тоа е психо-физичко.

Нема сомнение, тие два предмета се меѓусебно тесно поврзани, и тие заемно се претпоставуваат: јазикот е потребен за живиот збор да биде разбирлив и да произведе полн учинок; но живиот збор е потребен за јазикот да се установи; историски, секогаш претходи чинот на живиот збор. Како на човекот би му паднало на ум да врзе една идеја со гласовна слика на зборот, кога таа асоцијација прво не би ја сретнал во чинот на живиот збор. Од друга страна, ние го учиме својот мајчин јазик слушајќи други; тој ќе се усголаси во нашиот мозок дури во текот на безбројните огледи. И најпосле, живиот збор прави јазикот да се развива: впечатоците што ги примаме слушајќи други ги менуваат нашите лингвистички навики. Значи, постои заемна зависност помеѓу јазикот и живиот збор; јазикот во исто време е и орудие и производ на живиот збор. Меѓутоа, тоа не пречи тие сепак да бидат две сосема посебни нешта.

(…)

…Таа (-заедницата-з. н.) е збир од она што го кажуваат луѓето и таа ги опфаќа: а) индивидуалните комбинации, зависни од волјата на оние што говорат, б) чиновите на фонацијата, исто така волеви, што се потребни за тие комбинации да се извршат.

Значи, во живиот збор нема ништо колективно, и неговите манифестации се индивидуални и моментни”3).

Кога говорам за контактноста на радиото на современата модерност и за стилот како дел од нејзината комплексност, мислам пред сè на живиот збор и неговата структура, односно на неговата вредност. Всушност, стилот ја определува вредноста на контактноста; не само нејзината сушност и спецификите, туку и односот и меѓусебната заисност помеѓу контактменот и слушаелот.

И одново се враќам на почетокот од овој разглед, на ставот: стилот е препознавање и потврда на индивидуалноста. Со други зборови, тој е потврда на јавното живеење, јавната работа, јавниот настап. Затоа што јавното живеење, јавната работа, јавниот настап (пред микрофон воопшто, на радиото особено) претпоставува препознавање-идентификација. Тоа значи дека ги препознаваме, ги паметиме, имаме доверба во оние вокални личности што имаат свој стил, кои се изделуваат од сите други според некоја-некои специфики. Според тоа, главната задача на контактменот (на вокалната личност на современото-модерното радио воопшто) е да се најде себеси прво во себе, а потоа пред (во) други (-слушателите).

На радиото на современата модерност стилот се потврдува и афимира, би рекол, двојно: лично, авторски или творечки, и програмски. Значи, од една страна слушателот го препознава оној што настапува пред него, оној што го слуша, а благодарение на него тој ги препознава и просторот и времето, конкретно радио-програмата, емисијата или рубриката во која тој настапува. Тоа овозможува прогамска разновидност на радиото, негово програмско богатство. Токму програмската разновидност-програмското богатство е најнепосредно поврзано, односно е составен сегмент на радио-дизајнот (како составка на стилот), за кој ќе говорам одделно.

Унификацијата во таа мисла е не само преференција на просечноста, па дури и на незадоволително развојно ниво, туку таа дејствува и деструктивно. Конкретен пример: гласовната унификација на најавните шпици и џингловите на одделни програми, емисии и рубрики, како дел од радио-дизајнот. Притоа, не се прави една суштинска разлика: едно е тн. „официјален глас“ (ofitio), како печат, како програмки знак (тој глас кај нас најчесто се идентификува со спикерскиот, иако во развиениот медиумски свет тој е веќе „заменет“ со „машински“-роботизиран, компјутеризиран), а сосема друго сегментарната програмска идентификација.

Имено, тн. генрална најава на одделен програмски сегмент-програма, емисија или рубрика, едновремено значи најава и на соодвтна содржина, динамика, па и боја на тој сегмент, што ќе рече соодветно радиофонско обликување. Структуата, пак, на тој програмски сегмент подразбира најава, како посебен новинарски радио-жанр, која е дел, на пример, од водителството во тн. отворено-контактни програми.

Во однос на стилот како лично, авторско, творечко препознавање, кај нас, во нашата (-макдонската) новинарска радио-практика, нештата се докрај симплифицирани, па обично разликуваме „сериозен“ од „несериозен“ стил. Се разбира, „несериозниот“ има помала вреднот, и тој е вообичаен за „несериозните“ програми-забавно-рекреативни, хумористично-сатирични итн., а „сериозниот“ е оној што го негуваат новинарите во информативните, дебатните емисии, или во известувањето од седниците на Парламентот. И уште, тој-„сериозниот“ стил има поголема вредност, повеќе се вреднува, дури и статусно е на многу повисоко ниво.

Нештата се менуваат со постапното осознавае-откривање на комплексноста на радиото на современата модерност, на неговата стуктура и значење, не само во светот на електронские медиуми, туку и воопшто во светот на живиот збор.
_____________

1) Михаил Зарва: „Карактеристичните црти на јазикот на радиото како вид на масовна комуникација“, Трета програма, Радио Скопје, 1988
2) „Rečnik književnih termina“, ed. „Stil“, Nolit, Beograd, 1985
3) Ferdinand De Sosir: „Opšta lingvistika“, Nolit, Beograd, 1977