11. 2. 1. Уставно-правна и судска проблематика

Функционирањето на еден организиран и конзистентен правен поредок го условува, меѓу другото, и функционирањето на економската и политичката структура на колективот и единката. Притоа, не станува збор само за правната регулатива, односно за востановените правни норми, туку и за нормативни и фактички елементи кои го градат и го бранат моралниот дигнитет на личноста, го дефинираат нејзиниот општествен статус, ги координираат интеракциите помеѓу единката и општеството стимулирајќи ги во саканиот правец.

Оваа проблематика е во непосредна корелативна врска со уставноста и законитоста, чија одбрана и практична секојдневна реализација се актуализира особено во период на разурнувачка моќ на моралната хипертензија на општеството, на општествено-економската и политичката криза во најширока смисла, на деградацијата на сите вредносни критериуми.

Почитувањето на општествените односи утврдени со Уставот и законите, а најнапред придржувањето кон сите правни прописи кои ги регулираат тие односи, се наложува како приоритетна задача на уставно-правниот поредок. Нашево време ова барање го поставува дури во драматична форма, и тоа како доследно спроведување на уставното право во неговото елементарно значење: како дел од правниот систем кој ги опфаќа правните норми со кои се регулираат битните прашања од општествено-економското и политичко уредување на државата; правото во најширока смисла, како систем на општествени норми што го регулираат општествениот живот и развој, а со тоа активно влијаат не само врз зацврстувањето и заштитата на односите, туку и врз нивната стабилизација, менување, односно свесно развивање кон повисоки општествени и политички форми.

Кога во новинарскиот ангажман се акцептира уставното право, прво треба да се имаат предвид основните општествено-економски односи, потоа организацијата и функционирањето на државната власт, како и темелните права и должности на граѓаните. Тие им припаѓаат на првата група на норми со кои се регулира карактерот на сопственоста над средствата за производство, условите под кои граѓаните се користат со тие средства, начелата на општествено-економското управување и економската потрошувачка.

Во таа смисла, најширокиот круг на норми според содржината се однесува на организацијата и функционирањето на државната власт. Попродлабочената анализа и критичката валоризација на постојното уставно право го содржи фактот дека е тоа фундамент на правниот систем на секоја држава, а имајќи предвид дека тие се рамковни и насочувачки норми за другите гранки на правото (управното, приватното и работното право).

Уставноста и законитоста на правните прописи и другите општи правни акти ја контролираат и спроведуваат посебни судски органи-уставните судови, чија практика низ соодветна форма треба да има програмски рефлекси на современото-модерното радио.

Кога се говори за заштитата на уставноста и законитоста на правниот поредок, кој ги втемелува основните општествени односи како и односите на луѓето во производството и во распределбата на производите на трудот, всушност станува збор за функционирањето на правната држава. Тоа, пак, зависи од многу фактори: почнувајќи од нејзината рационалност во организациона смисла, методите, инструментите, па преку функционирањето и ефикасноста на правосудните органи и тела (судовите, јавните обвинителства, јавното правобранителство, адвокатурите, судиите за прекршоци, органите на правосудната управа и нивната дејност), сè до остварувањето на граѓанските субјективни права.

Во нашата практика проблемот на нефункционирање односно девијантност на правната држава се манифестира преку непочитување на нејзиното основно начело-начелото на законитоста и ефикасноста во дејстувањето на законодавната власт. Разгранетата бирократија, чиј волунтаризам и нерационална организација не се примерени за една економско-социјална модерна правна држава, на управата и овозможува често да дејствува арбитрарно. Не само во границите на дадените овластувања. Регистрацијата на конкретните проблеми и нивното јавно поставување на радио-програмата, се разбира со промислување и конструктивен критички однос-нудење на решенија за нивно надминување, треба да претставува дел од уредувачката политика на Редакцијата за информативно-контактна програма.

Правните работи со кои на луѓето им се овозможува, во рамките на правниот поредок, легално да ги задоволуваат своите најразлични потреби, работењето на судовите и нивната независност, применувањето на општите правни правила на конкретни случаи, потоа решавањето на кривични, имотно-правни, стопански и управни спорови како дел од работата на правосудството, почитувањето на правниот факт како услов за правна норма предвиден за настанок или престанок на правен однос-сè се тоа конкретни ангажмани во секторското следење на уставно-правната и судската проблематика.

Како резултат на демократизацијата и слободата на мислата, на афирмацијата на граѓанинот и неговите инсдивидуални вредности, „конкретниот живот“ е исполнет со многу прашања и проблеми, настани и теми што се израз и одраз на меѓучовечките односи, на воспоставените релации помеѓу државата-државниот апарат и единката-личноста. Правниот поредок е во постојан динамизам, во движење, создавање, реформирање, па континуитетот во следењето на оваа мошне комплексна област овозможува програмско богатство и актуалитет на радиото на современата модерност.