11. 2. 2. Политички плурализам

На теоретски и искуствен план политичкиот пурализам во нашиве простори претставува релативно нова проблематика. Во развиениот свет, пак, таа веќе има стекнато традиција како во сознајна, исто така и во применета-практична смисла.

Плурализмот како поим во потребата од радикални промени во свеста на човекот и во системот на вредностите ја афирмира својата сушност, а со (во) политичкото дејствување го потврдува својот повеќедимензионален карактер и коегзистенцијален статус. Следствено, досегашниот ангажман во следењето и толкувањето на историскиот континуитет и валидитет на политичката мисла кај нас, на политичкиот активитет воопшто, мора да доживее (доживува) трансформација-ревалоризација. Во новиот политички плурален амбиент, во поширокото европско и светско милје поимот политика ја добива вистинската, изворна содржина и активизам. Сето тоа ја наложува сериозноста на синтетичниот пристап кон политичкиот плурализам, и тоа во правец на креативно и слободно-демократско-јавно преиспитување на досегашните сознанија и искуства со силата на сопствената аргументација. Тоа значи ангажиран и продлабочен однос, особено спрема секојдневното практикување на политиката во најширока смисла, на сите нивоа: колективно (партиско) и индивидуално (конкретен политички ангажман).

По „слободното политизирање“ на новинарството во минатото, кое подразбираше едноумност, подобност, самоцензура, политиката почнуваме да ја разбираме и да ја употребуваме во нејзиното изворно значење. Дефинирана уште во античка Грција како однос во кој слободниот граѓанин е нејзиниот основен носител (Кант, Аристотел), таа се развива наспоредно со борбата за негова еманципација. Имајќи предвид дека политичкиот дискурс е јавен дијалог, а главната цел на политичкиот ангажман е потребата за легитимација, како и потребата од легитимност на секоја постапка (не само на државната власт), токму граѓанинот ја толкува, ја преиспитува и контролира политиката од аспект на рационалност и реалистичност; колку е компромисна помеѓу моментната нужност и долгорочните цели.

Во јавниот дијалог новинарот има тешка, но благородна задача: со својот збор-говор постојано да ги проверува и афирмира свеста и совеста на оние што ја водат политиката, да гради критички однос спрема сè она што ги деструира и девалвира нејзините темелни вредности, а особено она што се подведува под дневно политикантство. Авторитетноста на новинарскиот ангажман се потврдува и со познавање на основите на политологијата, нејзините цели, задачи и методи, како и на филозофијата на политиката во корелација со филозофијата на правото и дрржавата (темелот, смислата, суштината на политиката и сл.). Во тој контекст, под критичка опсервација треба консеквентно да се ставаат разбирањето и практикувањето на политиката како сила и моќ, а во интерес на демократијата, слободата, цивилизацискиот развој, хуманизацијата на животот итн.

Историцизмот е најмалку потребен и продуктивен. Меѓутоа историскиот развој на политичката мисла треба секогаш да се има предвид кога се анализираат некои тенденции во пошироки размери. Тоа особено се однесува на негативните конотации на политиката, нејзината аморалност и етичката индиферентност.

Нашите и светските реформски процеси прифаќаат многу придобивки од граѓанското општество (создавање на граѓанска држава), па во многу сфери на животот се вградуваат темелните заложби на граѓанската политичка мисла. Односите помеѓу колективниот (националниот) и личниот (граѓанскиот) идентитет, партиципирањето во власта и влијанието врз процесите и промените, политичкиот кариеризам и државниот интерес, политичката култура и почитувањето на различните мислења и ставови (партиска припадност) итн.-сè се тоа прашања и проблеми кои иницираат секојдневна програмска транспарентност на радиото на современата модерност. Секое политичко општество во својата основа го има економскиот активитет на поединецот и неговата слобода да се здружува и организира поради постигнување сопствени интереси. Тоа значи дека политиката добива статус на придружник на секој општествен однос, па таа нејзина димензија мора да се препознава во политичкиот живот. Притоа, афирмирајќи ги позитивните и идентификувајќи ги негативните пројави.

Во однос на дефинирањето на политичкиот плурализам и неговата диференцијација од другите општествени појави-категории, нужно е да се истакне дека тој претставува структура од повеќе релативно анонимни и индивидуализирани субјекти, помеѓу кои постојат противречности што низ континуиран натпреварувачки процес го поттикнуваат развојот на целината, односно ја задржуваат нејзината рамнотежа на одреден развоен степен. Ова значење на плурализмот ја изделува како доминанта сложеноста и повеќедимензионалноста на општествениот живот во најширока смисла, како и човековите потреби и интереси, а со што им се спротивставува на монизмот, монополизмот, тоталитаризмот (како антиполитика). Не само како политика, туку и како темелна придобивка плурализмот постојано, во теоретска и искуствена смисла ја потврдува својата вредност: како плурализам на пазарното општество и приватната сопственост, на слободата на мислата, на јавниот збор и дејствувањето на поединецот и општествените групи.

Во современи услови политичкиот плурализам најмногу го идентификуваме како збир на општествени односи детерминирани од бројот и силата на политичките фактори, на субјективни поларизирани општествени сили кои изразуваат хетерогени интереси. Во практиката и колоквијалниот говор тој најчесто се употребува како синоним за повеќепартиски систем, а неговата разгранетост и влијание во сите сфери на општествениот живот ја афирмира модерно организираната и ефикасна држава во која се прецизно дефинирани и разграничени улогата и функционирањето на законодавната, извршната и судската власт (распределба на власта). Во тој однос треба да се истакне ставот на англо-саксонските теоретичари: основната функција на државата е таа да го координира и гарантира самостојното дејствување на различни општествени фактори, чија автономија е основен услов за политичката слобода на поединецот.

Резултатите од воведувањето на парламентаризмот кај нас се евидентни. Особено ако се има предвид дека станува збор за долгорочен процес. Тие треба да се следат со должно внимание, да се анализираат континуирано и да се афирмираат како дел од квалитетот на животот.

Во развојот на парламентаризмот кај нас, како и во развиениот свет, особено внимание му се посветува на функционирањето на Парламентот како носител на законодавната власт, на неговата доминантна положба во однос на судската и извршната; поврзаноста на тие односи и нивните суштински карактеристики; функционирањето на власта не е можно без поддршка на мнозинството во Парламентот.

Строгото разграничување во практичното дејствување на компетенциите на владата односно министрите или шефовите на одделни области, и на шефот на државата како номинален носител на извршната власт, не е можно без јасно утврдена политичка одговорност (поголема на министрите отколку на шефот на државата).

Не треба да се заборави и на влијанието на меѓународното опкружување, како и на светските трендови (но не како посебна област-меѓународна политика, бидејќи таквата експертност е практично непотребна, па и невозможна; а со оглед на фактот што таа се проучува како дел од вкупните меѓународни активности во рамките на меѓународните односи; за неа многу повеќе се информира отколку што се толкува, анализира, коментира).

Само со ваков пристап кон парламентаризмот (што се афирмира со повеќепартискиот систем-политичкиот плурализам) може да се обезбеди богатство од форми и содржини во програмата на современото-модерното радио.

Посебно внимание во новинарскиот ангажман треба да му се посвети на т.н. политички маркетинг; на методите, инструментите, целите и конкретните резултати што се постигнуваат со неговата примена. Сознанијата и искуствата кај нас на тој план се сè уште мали и недоволни. Освен во предизборните периоди, кога кулминира како предизборна кампања, а во својата „природна“ агресивност ја елиминира дури и елементарната политичка култура (применувајќи ги правилата на игра од развиените земји со парламентарна традиција, но во голема мера вулгаризирајќи ги). Па се наметнува потребата од продлабочена и компетентна анализа на неговите можности. Во таа насока нужно е да се познаваат основните вредности на политичкиот маркетинг за да може да се оствари нивна практична примена: неговиот спецификум како „психологија на настапување“, како инструмент на политичката игра; кредибилитетот и легитимитетот на една партија или политичка личност да се остварува и одржува (рејтинг) преку осмислена и детално изградена стратегија на комуницирање; користење на медиумите за промоција, нивно рационално и ефикасно „приопштување“, но не и злоупотреба во настапот или манипулација со новинарската пристрасност; програмско осмислување на настапот надвор од политичката активност-моќта на убедувањето, искреноста, интелигенцијата, симпатијата кај публиката, смисла за забава и слично; консеквентност на политичкиот маркетинг и конкретизација на неговото продолжување.

Од наведеното сосема е јасно колку се широки можностите што ги нуди новинарскиот ангажман во програмското ситуирање и следењето на развојот на политичкиот маркетинг.