11. 2. 5. Финансиска (фискална) поитика

Финансиската политика како област на новинарски ангажман треба да се обработува во најнепосредна врска и последователност (без приоритетност) со монетарно-кредитната политика-банкарскиот систем. Се разбира, финансиската (фискалната) политика содржи мошне широки можности за презентација на програмата на современото-модерното радио (теми, прашања, проблеми, ставови и заложби) и претставува рамка за потемелна новинарска профилација.

Најзначајни мерки на финансиската (фискалната) политика: одржување на стабилноста на цените, висока вработеност и рамнотежа на билансот на плаќањата.

Стабилноста на цените ги оневозможува турбуленциите на стопанскиот систем, а ја одржува стабилноста на општествено-економскиот систем во целина. Тоа значи конзистентна политика на развој и едновремено претпоставка за поставување долгорочни цели во сите сфери на општественото живеење.

Мерките што финансиската (фискалната) политика ги презема во однос на вработеноста (нови вработувања) имаат директен одраз во социјалната сфера, во зголемувањето на стандардот, намалувањето на флуктуацијата пред сè на стручниот кадар („одлив на мозоци“), и сл.

Рамнотежата на билансот на плаќањата е еден од најголемите проблеми од чие решавање зависи стопанската стабилност на една земја, рамноправноста и конкурентноста на домашниот и странскиот пазар.

Јавните расходи се оценуваат како елементи на глобалната побарувачка и ефикасен инструмент на политиката на стабилизацијата, стопанскиот развој и прераспределбата на доходот. Забележителна е еволуција на одделни расходи во последниве децении во светски размери: висок пораст на воените расходи, брзо ширење на трансферните расходи (социјални давања, субвенции на стопанството, службата на јавните заеми и сл. ) и расходите на социјалниот стандард. Истражувањата и согледбите на тој план кај нас може да ги илустрираат тенденциите во одделни области и да наметнат критички однос спрема одделни конкретни зафати и интервенции од страна на државата (државната политика).

Ова секако бара и стручност и компетентност кои на програмата на радиото на современата модерност се обезбедуваат со ангажирање на такви лица кои не само што ќе ја објаснуваат комплексноста на овие прашања, туку и ќе поттикнуваат на промислување и акција за решавање на проблемите.

Тн. „чисти расходи“ на државната потрошувачка (администрација, судство, одбрана), со исклучок на расходите за одбрана, не покажуваат тенденција на релативно зголемување во однос на движењето на општествениот производ, иако во многу земји се укажува на хипертрофираност на административниот апарат на државата на сите нивоа. Таков е примерот и со нашата, па оттука и потребата од поангажиран новинарски однос спрема овие расходи, особено кога станува збор за намалување на административниот апарат и модернизацијата на неговото работење.

Јавните приходи во модерната фискална теорија се анализираат како глобална големина (ниво на фискално оптоварување) и според нивната посебна природа, а не од аспект на буџетско покривање. Притоа, најзначајно е нивното дејство врз потрошувачката, инвестициите и распределбата.

Во тој контекст особено внимание треба да се посветува на една доминантна појава: генерализација на примената на даночната прогресија. Данок плаќаат сите лица, обезбедувајќи и на тој начин широка приходна основа на државната благајна. Во колкава мера таа појава се одразува кај нас е прашање од кое произлегуват низа теми и дилеми, причинско-последични врски со други придружни појави кои влијаат врз социјалната карта на населението, темпото на неговото раслојување, нерамномерната и нерамноправната оптовареност итн.

Сериозниот третман на јавните приходи на програмата на радиото претпоставува континуиран новинарски ангажман и на овој план.

Кога станува збор за буџетската рамнотежа треба да се има предвид дека концепцијата на современата фискална политика нема за цел по секоја цена да се постигне рамнотежа помеѓу приходите и расходите, туку со нивното вкупно дјство да се придонесе за стабилизација на цените и стопанските текови. На таа цел ѝ се подредуваат и употребата на буџетскиот суфицит или дефицит, заедно со останатите мерки на економската политика. Во остварувањето на антиинфлационата стабилизациона политика поголем ефект се постигнува со намалување на јавните расходи, отколку со еквивалентни промени на даноците. Зашто тогаш се одбегнуваат реперкусиите на спиралата надници-цени, иако и таа мерка може да биде неспоива со целите на вработувањето доколку не е селективна и доведува до намалување на побарувачката на работната сила.

Во овие релации, на кои модерната економска теорија посветува особено внимание, треба да се движи и темелната согледба на буџетската политика на државата и нејзиното остварување, не само во обезбедувањето на буџетските средства и нивната распределба, туку многу повеќе во нивното насочување и конкретна реализација, со што се обезбедува систематско и континуирано финансирање на јавните функции. Ова особено кога се има предвид многустраната економска функција на буџетот: прераспределба на националниот доход, влијание врз производството, структурата и обемот на проширената репродукција, инструментите на компресијата на побарувачката (во рамките на антиинфлационата политика) итн.

Просторната застапеност на финансиската (фискалната) политика на програмата на современото-модерното радио е лимитирана од динамиката на настаните што се случуваат во оваа област, но и од обемот и функцијата на информативно-едукативниот сегмент во рамките на глобалната програмско-уредувачка концепција.