11. 2. 7. Технолошки развој

Во севкупниот општествено-економски развој, а особено во процесот на неговото трансформирање и реформирање технологијата и нејзината научно-сознајна фундираност, заедно со технолошкиот развој како процес во кој се инкорпорирани техничките и материјалните елементи на производството, стануваат тема од исклучително значење.

Технологијата претставува значаен фактор на развојот кој подразбира постојан и динамичен пораст на продуктивноста и економичноста, односно на ефикасноста на производниот процес; со зголемување на степенот на дејствието врз предметот на трудот во однос на видот и квалитетот на производот.

Без оглед што дефинирањето на технологијата како наука е детерминирано од основната област кон која таа ги насочува своите истражувања и резултати, имено техничките и материјалните елементи на производната функција, модерната технологија е тесно поврзана со економските науки, конкретно со економиката на производството, организацијата, планирањето, истражувањето на пазарот и друго. Затоа нејзините истражувачки зафати секогаш треба да се во корелативна врска со резултатите и сознанијата на спомнатите и други економски науки.

Економските теоретичари афирмираат став дека технологијата добива карактер на наука која ги изучува системите на производните процеси, на производните организации во целина. Таа е наука за производниот процес која ги вклучува и истражувањата на суровините, материјалите и средствата за работа.

На макро план ваквиот став добива конкретизација при концепирањето и спроведувањето на глобалната економска политика за едно подрачје, регион и пошироко. Меѓутоа, на микро план технологијата својата основна цел ја остварува со постојаното осовременување и модернизација на материјално-техничките услови на производството, со забрзувањето на техничкиот и економскиот развој, со зголемување на техничката и економската самостојност. А тоа е всушност и глобалната цел на една посебна проблематика со мултидисциплинарна содржина.

Станува збор за трансферот на технологијата, едно од клучните прашања особено за неразвиените и земјите во развој, битна компонента на стратегијата на технолошкиот развој на секоја земја, и на нашава во процесот на преструктуирањето на производството, на неговото вградување во европските и светските интеграции.

Трансферот на технологијата се објаснува различно, во зависност од приоритетите што се поставуваат, од неговите цели, облици и канали. Во практиката трансферот најчесто претставува пренос и размена на технолошкото знаење од местото на создавање до непосредниот корисник. Од економски аспект, пак, тоа упатува на увоз на технологија, заедно со економските, развојните и политичките проблеми кои од него произлегуваат. Всушност, тоа значи реализација на трите негови етапи: истражувањето, развојот и производството. Се разбира, низ различни облици: техничка помош на меѓународни и национални организации, стипендирање на стручњаци, размена на информации преку списанија, организација на конгреси, симпозиуми, итн.

Без оглед на најразличните поделби на трансферот (вертикален и хоризонтален, директен и индиректен и др. ), тој акцептира неколку најважни содржини (мултидисциплинарност): пренесување на технолошко знаење од сферата на фундаменталните во сферата на применетите истражувања, а од нив на развојот на производството; процес на дифузија на нова технологија од една работна средина (фирма што ја реализира иновацијата) во друга, од една земја во друга; купување лиценци за патентирани пронајдоци, примероци (мостри) и модели, како и договори итн.

Значајно е и прашањето на каналите преку кои се врши трансферот на технологијата. Теоријата и практиката познаваат најразлични, од кои како за поразвиени канали ги смета следниве: увоз на опрема и комплетни постројки со шеми, прирачници за употреба и одржување и друга техничка документација, купување на лиценци за патентирање и пријавени пронајдоци, мостри, модели и знаци на разликување, купување на договори за изградба на комплетни индустриски постројки кој вклучува планови, проекти, испорака на опрема, директни инвестиции на странски капитал, заеднички вложувања, индустриска кооперација и долгорочна деловно-техничка соработка, консултантски услуги, обука на кадри, изработка на заеднички истражувачко-развојни проекти, трансфер на публикации, технички, управувачки, организациони и др. информации.

Сите наведени канали на трансферот на технологијата имаат подеднаков третман, а практиката им дава предимство на едни за сметка на други.

Професионалното новинарско следење на оваа проблематика (технолошкиот развој како комплексен процес) подразбира програмска верификација и афирмација на сè што се случува на технолошкиот „пазар“. Посебно една од целите на трансферот, можеби најважната: создавање претпоставки за купувачот да се ослободи во догледно време и самиот да креира нова технологија, мора да биде и цел на информативно-аналитичкиот новинарски ангажман на современото-модерното радио.

Иновативната дејност во суштина претставува практично искористување на техничките и технолошките откритија. Познати се основните етапи во развојот на новиот производ: научно истражување-пронајдок-иновација-дифузија на иновацијата. Карактеристика во светот (но сè уште не и кај нас) е постојаното скратување на времето помеѓу научното истражување, односно пронајдокот и иновацијата.

Следењето на иновативната дејност мора да биде секојдневна новинарска практика, еднакво афирмацијата на индивидуалните и колективни иновации, како и поттикнувањето на истите преку конкретни акции на радио програмата („Иновација на годината“ и сл. ). Соодветно внимание треба да ѝ се посветува на дифузијата на иновациите, нивната употребна вредност и примена, бидејќи освен проблемот на вреднување на иновацијата кај нас проблемот на нејзината дифузија е еднакво актуелен.

Следењето на иновативната дејност, трансферот на технологијата и на технолошкиот развој нуди можности за маркетиншка поддршка на програмата, особено преку промотивната дејност.