93. Каменот

Овој е овде од дамнина
под мене
долго е под моите нозе
дури уште стоев прав и здрав
на сончевина и мразовина

не е од онаму кај што
бевме млади
без бели маски што ни беа смрт
за подбишега
таму уште стојат расфрлани
мали та највисоки
оти на никој од намерниците
не му пречат
туку на нив стојат и го гледаат
хоризонтот

овој камен никогаш не бил
од мене оставен
да воздиви и издивува сам
и кога ми идело да го кренам
да го откаменам одовде
та да го преместам на некое
друго место
до изворот на пример
што го вардам
да не го пресуши некој
без спокој и ведрина на духот

многупати сум забележал
како во овие години
на длабока осама
на сѐ повековен заборав
што ми налегнува в коски
седнувам на него да починам
па се замислувам
па се прашувам
дали се научил на мене
да не може без мене
еднакво како јас без него
и дали не му е право
ако не му прозборам
ниту збор
некој ден или некоја ноќ