114.

Можам ли и јас да исчезнам како син ми? Ништо полесно од тоа! Едноставно ќе излезам од мојов дом, без да се поздравам со мојата Госпоѓа, тој нормално ќе ѝ припадне нејзе, и ќе тргнам кон, ќе отпатувам за…па да, моето Долно Дивјаци. Зошто не заедно со неа? Нели планираме? Затоа што тоа не би било мое исчезнување, туку посета на родно огниште, можеби и трајно враќање. Не е исчезнување и ако заминам сам? Тоа не е едноставно докажливо, ама е.

Најважно е дали се остава трага зад себе или некаков знак на постоење и опстојување. Без оглед дали станува збор за инидивидуално или колективно исчезнување. Ако се остава, тоа станува речиси невозможно или, пак, трае со децении, може и со векови. Всушност не е исчезнување, туку одложување на заборавот. Поточно очекувано долготрајно постоење во минатото по заминување, макар без решителна, без пожртвувана борба за опстој и без саможртва.

Што се однесува на мене, при патување кон Долно Дивјаци имам повеќе можности да исчезнам. Па и во него. На пример, патувањето да го завршам со слетување на меѓународниот аеродром Скопје, па да се сместам во некој хотел во градот и да го посетам макар последен пат гробот на татко ми и мајка ми. Може да појдам и во Тетово, ама не знам дали во тој град уште има некој од мојот род или го напуштил и последниот оти е неиздржлив притисокот на тивкото, а во последниве години сѐ поизразито, отворено, безобѕирно етничко чистење на северозападна Македонија кое непречено го вршат Албанците. Би можел да отидам во Битола каде што живее мој втор братучед, на мои години е, или во Прилеп, во кој моите слегле од Крушево непосредно пред Втората светска војна и се живи неколкумина мои подалечни роднини. Дел во мене од мајка ми е од питомините на Мариово. Би можел да заживеам и во Кривогаштани, и таму имам подалечен роднина. За Крушево нема збор-во него се сѐ уште живи повеќемина мои ближни. А, пак, во Долно Дивјаци…

Меѓутоа, сите тие можни застанувања и останувања не се, ниту можат да значат мое исчезнување. Сакам да кажам дека моето исчезнување подразбира да сум незнаен или непрепознаен од никого таму кај што ќе се најдам или ќе ме најдат, ама и јас да не знам или не препознавам никого. Многу едноставно. Исто како со оној што живее со деменција или Алцхајмерова болест: најнапред не се ориентира во простор и време, потоа не пронаоѓа соодветни зборови и се потешко комуницира со други, па…Заболениот излегува од дома бесцелно, не знае кај се наоѓа, каде оди, заскитува, а никој не го знае, ниту го препознава за да го врати дома…Фала му на Бога, засега со такви проблеми се соочувам мошне ретко. Нормална старечка заборавност. Мојот доктор превентивно веќе ми препиша лек кој ја зголемува достапноста на ацетиколин.

Деновиве запознав еден познат апстрактен сликар, на мои години, кој живее сам во апартман во источната кула на облакодерот One Central Park East во предградието на Сиднеј Chippendale. Ми раскажа дека тој исчезнува од светот односно од стварноста секогаш кога завршува слика што ја работел подолго време. Исчезнува, никој не му се јавува, никому не му се јавува, а како ни соседите да не го познаваат. „Се враќа“ кога сликата „ќе му каже“ дека ја завршил. Заборава и дека ја создал тој штом ќе застане пред празно платно и ќе започне да слика нова. Сигурен е дека ќе исчезне конечно откако веќе не ќе може да догледа и согледа во себе или околу себе што било за сликање.

Забележав негово промислување за колективното исчезнување:

„Колективното исчезнување е многу подолготрајно од индивидуалното. Тоа е најчесто резултат на насилие од страна на силници, на освојувачки походи особено на територии, но и на велепредавство. Многу е подолготрајно затоа што подразбира посегање, присвојување и бришење на дел од минатото, сѐ со цел дисконтинуитет на опстојот и разнебитување. Токму долготрајноста прави тоа да биде видливо, нападно, агресивно формално, а речиси незабележливо и рамнодушно суштински. Проследено со немоќ, малодушност од една, и неподнослива леснотија на владеење од друга страна. Така е со преименувањето, атаката врз идентитетите како човекова сушност, особено врз културниот, етничкиот и националниот, па сѐ до ограничувањето односно заградувањето на просторот на живеење и забрзаното изумирање. Во минатото тоа е случај со исчезнувањето на Индијанците во Америка. Денес најтрагично и најсрамно за сиот цивилизиран свет е очигледното сотирање односно исчезнување на твојот-македонскиот народ“.

Ми иде да исчезнам веднаш. Мигум и молкум.