89. Нешто од мене по мене

Толку време поминав
до неколку чекори далеку
од целта
на мојата опстојба
сосе сенка
до самоти дно на заборавот
та сум рамнодушен дали
нешто од мене ќе остане
за други зад тебе
единецу мој
та спокоен сум дека
сешто во мене што било
ќе се стори темен облак

ако некој те прашува
да те допрашува
зошто им бев толку
далеку
на оние што ме слушаа
внимателно од збор
до збор
белки ќе разберат нешто
од мојата игра без ведрина
од моите сомнежи
до снеможеност
кажи му дека не го знаеш
она што го знаеш
единецу мој
не сум бил за нивно
разбирање
а ни за нивно
откривање
како создавачи на одбол
и празнување

години и години поминав
до неколку чекори далеку
од целта
на мојата опстојба
сосе сенка
та сум сигурен дека
нешто од мене по мене
единецу мој
нема да остане за сите
по тебе
што ме тонеле во свои залези
и сѐ што во мене уште е
ќе се стори студен ветер