156. Поетот со човек

-Ќе ме мислиш,
грамаден човеку?
Ќе ме пишуваш
на стена, на дрво,
крај извор на гласови?
Ќе ме паметиш
кога и тебе
ќе те обземе
мразна тишина?

-Кој да те мисли,
онемен поету?
Кој да ти ја слуша
играта во песните
меѓу песни без игри?

Кој да ти ги простува
гревовите што секој
во светот поетски
ги сторува
додека грубости
навалуваат на спокој
во љубов?

-Го затворам овој мој
поетски круг,
грамаден човеку,
за никој повеќе
со мене
во него да не влезе,
та од него
да не може да излезе.

-И да го затвориш,
онемен поету,
кога веќе друг
по него или со него
не мислиш никогаш
да отвориш.

И никогаш
да обзнаниш
дека случајно,
всушност намерно
си влегол во нечиј!

-Јас сум создател
во изгревот и залезот,
грамаден човеку!

-На сонцето ли,
онемен поету?

-На светот човечен
меѓу стварен
и заумен свет.

-Тогаш продолжи
да создаваш.