СОЗДАТЕЛ ВО ИЗГРЕВОТ И ЗАЛЕЗОТ, XII, СЕМОЖЕН И НЕМОШЕН, поетска студија за беспаќата во човекот

118. Силна

Таа жена чија рожба сум
е на земја и на небо
кога народ се збира
на раб од бездна
со вековен молк
што секако ќе го прелета
сосе зрак сончевина.

Не ја величам,
не ја возвишувам,
туку само се обидувам
да ја одгатнам силината
на нејзината животворност
и огнот во нејзиното
совршено хармонично тело,

па потоа заедно
да заминеме во нов предел
што ќе го освоиме
со наши стојности
и наши достојности.

Таа жена чија рожба сум
ми е во исто време
неповторливо
блиска и далечна,
а ја разбирам и прифаќам
како секогаш придружна
за да ме крепи
при моја битка
со секое беспаќе во мене.

Ја овековечувам со еден здив
сал
во еден миг пресуден
за сегашнината и иднината
на народ збран
на раб од бездна
со вековен молк
што секако ќе го прелета
сосе зрак сончевина.

Таа жена, таа мајка, таа земја,
таа создателка
на неугасливите извори
на моево суштествување
несопирливо,
изгревно и залезно.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *