СОВРЕМЕ, Оддиви, стихозбирка

19. Од премаленост

Тоа што не достојувам
на нозе исправен
не е од времето,
ниту од годините,
а е поради студенината
што ја собрав в коски
лунѕајќи најпрвин жеден
за љубов и човештина  
низ незнајни предели.

Успеав да ги пронајдам
во убост штотуку родена
помеѓу небо и корени,
на една камена чистина
обградена
со спокојни соништа
кои никој не може
ниту да ги пробие,
да ги освои,
па потоа од нив
да излезе здрав и жив.

Ја зедов в срце
на срце да ми прирасне,
дека ни јас не можам
дребнав,
дека ни јас не можам
грамаден
да продолжам
низ незнајни предели
без неа,
откога ја угаснав жедта
со љубов и човештина.

Не достојувам на нозе
исправен
поради студенината
насобрана в коски,
а убоста несетно
ме остави сам
помеѓу небо и корени.

Веќе ми е сеедно
оти мојата рожба
ме мисли премален
од времето и годините.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *