ПРИРОДНА СОСТОЈБА, стихозбирка

59. Глетка

Ти изненадена од глеткава,
а јас рамнодушен пред неа
како да се случува сега
по којзнае кој пат иста.

Близу голо женско тело,
исправено, вкочането;
подалеку немошно машко,
како да не јадело, не пиело,
не спиело, не сонувало
со денови, со ноќи;
најдалеку раскрилени,
разиграни, развеселени
две мали деца
како на граница
меѓу стварност и заумност.

Ти се обидуваш надежно
да ја опфатиш со поглед
кој нема никому
да му дозволи исто
со тебе или без тебе
да ја доживее,
а јас дозволувам сама
да тргнеш кон неа.

Дека знам колку е
неповторлива глеткава
и колку е недосеглива.    

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *