КУЌА ШТО МОЛЧИ, стихозбирка

19. Чест и совест

Што станува со земјата заборавена
во твоето око
кога случајно погледнуваш
во прозорец од рози
и кога очекуваш пукнатината во неа
од ден на ден да станува
сѐ поголема?
(За само еден ден да проголта,
да зароби,
да заборави сѐ живо и мртво,
како никогаш да не било;
притоа да не ни помислиш
дека таа секако и тебе ќе те проголта,
ќе те зароби, ќе те заборави
во својата утроба до самотност!)

Јас не знам.

Што станува со мрежата
во твоите раце
кога цела ноќ очекуваш некој
да си го запре скитничкиот чекор
пред праговите на куќите
во кои влегуваш, од кои излегуваш
во кое било годишно доба?
(И кога твоето достоинство
се обидуваш да го собереш
во една претстава без кулминација;
притоа да не ни помислиш
дека така можеш да одлеташ
високо,
сосе сите празнотии и поразии,
бликнувања и пресушувања,
без ничија почит барем кон овој
твој последен ден!)

Јас не знам.

Што станува со плунката
во твојата празна уста
дури се трудиш да ми го соблечеш
старото палто во кое се сокривав
од недосонети приклученија,
ридајќи по залудно потрошена
младост?
(Кога се обидуваат тебе грамаден
со ветер и заборав да ти ги покријат
мраморната  глава, железното тело
и широко раширените зеници
со нескротлив зрак;
неоти  премрзнало сѐ околу тебе,
неоти морници  во крвта
ти го премалеле чекорот
помеѓу митовите и легендите
на древните цивилизации!)

Што станува со развеаните јунаштва
на предците со недосегнато минато,
за смрт или слобода
на нивните потомци?

Ти мораш да знаеш.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *