Со Алфред Бернард Нобел сум се стренал неколку пати, а една средба е клучна за мојата перспектива и за перспективата на човековата цивилизација. За некој ниту да помисли: јас не ја поистоветувам мојата со перспективата на човековата цивилизација, ниту, пак, нив ги изедначувам според каков било суштествен сегмент, елемент или според формата и содржината. Имено, двете перспективи во дел се постојни и напоредни, што значи едновремени, а во дел можни единствено како континуирано воздејство на временските мени. Кои, пак, се од ден на ден сѐ повеќе контролирани, насочувани, прилагодувани, манипулирани од човекот. Но, од друга страна времето сосе природата во него возвраќа, се спротивставува сѐ полуто, сѐ пожестоко.

Клучната средба се случи намерно, поточно договорено на не случајно избрано место и точно напладне. Иако обајцата прифативме дека е клучна, за разлика од него колку што станува подалечна, дел од нашето заедничко минато, па и од спомените со мигови на заборав, мене лично не ми е којзнае колку поразлична од другите. Ниту толку единствена, неповторлива што да претставува некаков меѓник или пресвртна точка во нашите односи, особено за конкретноста на проблематиката на која ѝ посветив можеби премногу сила, енергија, согледувања, промислувања и творечка имагинација. Единствено ми е прифатлива како таква- клучна поради неговото резигнирано признание дека е извитоперена, дури карикирана, дури унижена неговата пред сѐ хумана цел со распределбата на богатството што го стекнал и оставил, како насочувачка и поттикнувачка.

Мене никогаш не ми значела којзнае колку биографијата на Нобел, иако тој на неколку наврати истакнуваше дека некои датуми и периоди се мошне важни за неговото оформување како личност, за растежот и развојот на неговата имашливост, како и за неговата умисленост дека е доволно голем и моќен за да си обезбеди безмерна незаборавност. На пример, какво значење за нашиот однос и нашето големо пријателство има тоа дека тој се родил во Стокхолм- Шведска на 21. октомври 1833., умрел во Сан Ремо- Италија на 10. декември 1896., а јас сум се родил, на пример, во селото викано Питомина- Македонија, на 1. јануари 1903 и сум умрел ненадејно, здрав и прав на 1. јануари 2001.? Или дека неговото семејство во 1842. се преселило во Русија и станало прилично имашливо благодарение на правењето морски мини за потребите на војската на Царска Русија во Кримската војна, а моето слегло во град со пуста надеж дека ќе има подобар, полесен и посреќен живот? Знам дека идннината на Алфред ја определило учењето хемија и истражувањето на експлозивот, особено сигурното производство на нитроглицерин во кое навреме видел голема заработувачка со широка примена во индустријата. Ама зарем е помалку важно тоа што мојата во голема мера ја определила семејната зависност и самоспознавањето дека за мојата иднина е пресудно да не станам откорнатик, да научам да ги бранам индивидуалноста, личниот и колективниот идентитет?

Алфред Нобел често со жалост во гласот ми раскажуваше за големата експлозија што се случила во семејната фабрика во Стокхолм, на 3. септември 1864., во која загинале петмина работници, вклучувајќи го и неговиот најмлад брат Емил:

-Тоа беше страотна експлозија. Фабриката просто одлета во воздух, беше срамнета со земја. Гореше и чадеше со денови и ноќи. Сѐ изгоре, пепел се стори. Откако го изгаснавме огнот, ни требаа недели за да се соземеме и да го исчистиме теренот… Ни загина најмладиот брат…Непрежална загуба…Со недели никој од нас, Нобеловци, со недели не прозборе ни збор. Занемевме, како да не дишевме. Ама животот и бизнисот мораа да продолжат…Никому не му беше јасно што се случи, што ја предизвика.

А секогаш радо, дури занесено ми раскажуваше за неговиот најважен изум во животот,- детонациската капсула со живин флуминат:

-Не знам дали знаеш, Стамене, дека е тоа мошне чувствителен експлозив. Со него во секое време може сигурно да се пали нитроглицеринот. Меѓутоа, тој немаше врска со неговото опасно пренесување и ракување. Како да се скроти? Не ми требаше многу време за да разберам дека треба да се преработи во некоја тврда материја со која би можело да се ракува. Ги испитав сите порозни, неексплозивни, хемиски инертни материи- хартија, дрвени отпадоци, прашина од раздробени тули, сува иловица. Во 1887. конечно налетав на несекојдневната, но прилично распространета руда- инфузориска земја. Од неа направив експлозив како тесто, 25% послаб од чистиот нитроглицерин, но многу посилен од барутот кој веќе се произведуваше фабрички и со него се манипулираше лесно.

Многу се лутеше кога ќе ја чуеше приказната дека неговиот изум бил случаен- малку нитроглицерин прокапал во инфузориска земја со која биле обложени некои садови поради заштита од оштетување. Дури јавно изјави дека до своето откритие не дошол случајно, туку е тоа резултат на долготрајно, макотрпно и систематско истражување. При што најголемо внимание посветил на оценување на техничките проблеми.

Штом ќе продолжеше да зборува за другите негови изуми, над 350, еден по еден, секогаш брзо го прекинував:

-Добро, драг пријателе Алфред, не мораш постојано за нив. Сѐ е познато, во детали, и за тебе и за нив може да се прочита во секоја енциклопедија. Како што секој може да си претстави како изгледаш според твојот портрет- црно- бела фотографија на фотографот Гест Флорман. Според неа е очигледно дека си нордиски тип- не многу висок човек, со издолжена глава, светла коса и сини очи. Седнат си во столица, левата рака налактена на потпирач од сомот, со прави показалецот и средниот прст, а домалиот и малиот свиткани како да ја потпираш главата, загледан во некоја точка пред тебе, како да си замислен. Се разбира, дека си Господин, сериозна, силна, авторитетна личност. Тоа го „потврдуваат“ густата брада и мустаците, високото чело и ретката коса зачешлана на патец кон лево. Но, што е со љубовта спрема жените?

Нерадо зборуваше за нив, само збор- два:

-Не се оженив оти бев многу посветен на пронаоѓаштвото, работед дури и по 20 часа дневно. Берта Кински ми беше секретарка во Париз. По три години постојано заедно ја запросив, но таа ме одби. Мислам со право оти не бевме сродни души. Тоа беше во 1873., а истата година, при патување низ Австрија и престоувајќи во едно лечилиште, ја запознав Софи Хес. Млада, 20-годишна, многу ме потсетуваше на една моја младешка љубов која умре од туберкулоза. Беше цвеќарка и мошне кокетна. Се гледавме ретко, но тоа не ми пречеше, туку напротив врската со неа ја држев на дистанца. Ја издржував, ѝ ги плаќав сметките до крајот на мојот живот. Ми причинуваше голема радост да ѝ купувам секакви подароци…Се омажи за еден млад чиновник.

Нашата најважна средба и најважниот разговор ги имавме пред неговиот гроб на гробиштата во Сан Ремо- мал бел мермерен обелиск со врежани букви „NOBEL“ или монолит со четири страни кои се стеснуваат и завршуваат со остар врв. Во подножјето- основата „Alfred NOBEL“ со датумите на неговото раѓање и умирање. Дали како секој обелиск- симбол на Сонцето, на неговото „одморалиште“ по залез? Нејсе.

Почна тој:

-Ме нарекуваа „гениј на злото“, „трговец со смртта“, а јас цел живот работев за благосостојбата на човештвото. Моја единствена цел беше ширење на знаењето, убеден дека тоа значи пред сѐ ширење на благосостојба. Тоа и му го напишав на мојот внук. А знај го и ова: поголемиот дел од моето големо богатство не е од динамитот и друите изуми, ниту од 90- те фабрики за оружје што ги основав, туку од нафтените полиња покрај Каспиското Езеро.

-Ама в ред е, го знам тоа, драг пријателе Алфред. Јас лично од тебе сакам да слушнам зошто со тестаментот, напишан на парче искината хартија, ги разорача твоите роднини со тоа што најмногу му остави на човештвото. Да ја докажеш својата човештина? Не ти верувам. Јас мислам пред сѐ за да останеш што подолго во безмерна незаборавност.

-Грешиш, пријателе. Веќе ти кажав за ширењето на знаењето, а ќе потенцирам за признавање на во мое време главните двигатели на растежот и развојот на човековата цивилизација: физиката, хемијата, медицината и книжевноста. (Наградата за мир е воведена по мојата смрт, а на инсистирање на мојата животна љубов бароницата Берта Кинсли; за економија дури седумдесет и три години по неа.)

-А математиката?

-Ај сега и ти. Малку се оние што ми префрлуваат поради тоа што ја изоставив. Не ме прашувај зошто. Не знам.

-В ред, можеби со тек на време ќе се воведе, како и за многу други нови области, познати и непознати во тоа време. Нема да те прашувам ни за тоа како се чувствуваш поради недоделување на твојата награда на такви величини како Толстој, Ибзен, Пруст, Тесла, Кафка, Чехов, Џојс…Ниту за тоа кому сѐ му е доделена наградата за мир, на пример…

Друго ми е на ум. Сакам да ти предложам нешто во врска со наградата за книжевност, а ти да го проследиш до Шведската академија која ја доделува.

-Јас да проследам?!

-Па ти! Кој друг? Ќе отидеш во Стокхолм, во Шведската академија и ќе се заложиш, ако треба и ќе им наредиш на нејзините членови.

-Добро, добро, ќе го сторам тоа…Да чујам.

-Ти, драг пријателе Алфред, си одредил таа награда да му се
доделува на писател кој „на полето на книжевноста создал најдобро дело со идеалистички тенденции“ (на шведски: den som inom litteraturen har producerat det mest framstående verket i en idealisk riktning). Тој критериум како главен при изборот на добитникот предизвикува многу критики, недоумици, особено негодувања, зашто терминот idealisk означува „идеалистички“ или „идеален“, па наградата потврдува остварено високо ниво на идеализам. Од друга страна, во поново време тој идеализам се врзува за човековите права, па наградата станува сѐ повеќе политизирана. Сигурен сум дека и тебе не ти е право тоа што, баш како наградата за мир, и за книжевноста се дезавуира, губи на значење, дури се вулгаризира. Ти предлагам таа отсега да се доделува за дело со врвни естетски вредности кое обработува тема од круцијално значење за опстанокот или развојот на човековата цивилизација.

-Те разбирам…Може…На пример?

-На пример, предлагам јас и ти, заедно, темелно да разгледаме и согледаме еден проблем на кој не се обрнува доволно внимание, а од ден на ден, ма од час во час станува сѐ поголем, речиси нерешлив. Кој буквално ја разорува, ја уништува човечката заедница, па и единката во неа: одродувањето. Мислам дека може да се напише големо дело кое без двојба ќе ја заслужи твојата награда.

-Ти ќе го напишеш?

-Па…што знам…би се обидел…Не сум баш сигурен…

-Почни!

-Почнувам! Пред твојов гроб, пред твојов обелиск, пријателе Алфред. Роман за одродувањето, за добивање на Нобеловата награда за книжевност!